Илон Маск би можел да стане првиот човек во историјата со нето-богатство кое ќе надмине билион долари, откако компанијата SpaceX поднесе барање за иницијална јавна понуда на акции (ИПО) и ги забрза подготовките за едно од најголемите берзански листирања до сега. Според достапните информации, компанијата ја адресирала доверливата регистрација до американската Комисија за хартии од вредност (SEC), што значи дека документите во оваа фаза се видливи само за регулаторите.
Подеталните аспекти на понудата, како што се бројот на акции и ценовниот распон, се очекува да бидат откриени во следните поднесоци, кога процесот ќе влезе во финалната фаза. Во подготовката на понудата, активно учество имаат неколку големи финансиски институции. Доколку листирањето се оствари во најавениот период, проценките за вредноста на SpaceX достигнуваат околу 1,75 билиони долари, а се шпекулира и за прибирање на 75 милијарди долари – сума која би го надминала рекордот на Saudi Aramco од 2019 година.
Дополнителен поттик за „билионската приказна“ доаѓа и од корпоративните шеми во Масковата империја. Имено, во февруари, SpaceX го презеде стартапот за вештачка интелигенција, xAI, создавајќи заеднички ентитет со вредност од околу 1,25 билиони долари. Со евентуалното листирање на SpaceX, Маск може да стане првиот извршен директор на две компании проценети на по билион долари. Паралелно, Tesla – друга клучна компанија под негово раководство – неодамна имала пазарна вредност од околу 1,4 билиони долари, што го потврдува фактот дека следниот значаен скок на неговото лично богатство може да биде поврзан токму со берзанската премиера на SpaceX.
Иако самиот процес на ИПО е долг и може да наиде на пречки поради регулаторни барања и пазарни услови, самото поднесување на доверливата пријава е сигнал дека SpaceX формално влегува во последната, најчувствителна етапа пред излегување на берза – потег кој може да ја промени картата на глобалното богатство и технолошките инвестиции.




