По бабините фустани на Ив Сен Лорен од 1.500 евра и по лажно калливите фармерки од 400 евра, последниот крик на модата потврдува дека Македонецот, дури и несвесно, веќе едно две децении рока најмодерни парчиња, многу пред и да станат модерни.
Зборуваме за искинати патики. Се викаат „Future Destroyed“ и се модел на луксузниот бренд Maison Margiela, а се продаваат по цена од 1.383 евра (1.425 долари). Базирани се на црните „Future“ (од истиот бренд) кои Канје Вест ги носеше на неговата турнеја, a чинат „само“ 945 долари.
Расцепени, без врвки, износени и истрошени од времето, Future Destroyed изгледаат како патики што би ги наследил ако си најмалиот син во семејството, износени од минимум двајца од твоите постари браќа, а сега докинати на фудбал во маало, кога конечно мораат да бидат фрлени во ѓубре. Разликата е само во цената.
Но дека ова не е изолиран случај, и дека сиромаштијата навистина е „ин“ (и била сите овие години), потврдуваат и ланските „Distressed Superstar Sneakers“ на брендот Golden Goose, кои се продаваа(т) по цена од 585 долари.
Со излитена превртена кожа, расцветани врвки, „природно“ валкан ѓон и „закрпени“ со изолир трака, „Distressed Superstar Sneakers“, додуша, изгледаат нешто пореалистично од „Future Destroyed“.
Имитирање на сиромаштијата
За ваквиве трендови меѓу скапите брендови, интернет душегрижниците (SJW-a) веќе смислија и соодветен термин – poverty appropriation („присвојување на сиромаштијата“). За разлика од другите нивни измишљотини, како културната апропријација (читај: белците што носат суканици ја крадат културата на црнците) – која е една голема глупост, и поистоветувањето на tiny house движењето како форма на опресија кон сиромашните; овојпат поборниците за социјална правда имаат добра поента.
Главниот аргумент е дека тие што се или некогаш биле сиромашни, имаат право да бидат навредени што луѓе што не виделе ни „С“ од сиромаштија купуваат ултра-скапи акцесоари и ја претставуваат сиромаштијата како моден детал, и во крајна црта – како интересна и забавна појава.
Другата импликација на сиромаштијата како „тренди“, ако ја развлечеме логиката до крајност, е дека еден ден сите ќе шетаме облечени и со мрсни коси како бездомници. А како најлесно да направиш бездомниците да исчезнат? Облечи ги сите луѓе како нив. Така ќе бидат претопени од толпата и ќе станат целосно невидливи, а со тоа такви ќе станат и нивните проблеми. Затоа, единственото глупо во скапите искинати патики како форма на poverty appropriation е тоа што воопшто постојат.