Импресивна настап на шпанскиот тенор Елаис и италијанскиот пијанист Барбаџелата на новогодишниот концерт на „Охридско лето“

Во духот на празниците, НУ „Охридско лето“ ѝ приреди на публиката уникатно музичко доживување преку свечениот новогодишен концерт, кој синоќа се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, носејќи со себе врвна уметност и празнична атмосфера.

На сцената настапија виртуозниот италијански пијанист Франческо Барбаџелата и моќниот шпански тенор Рамирез Дроз Реиналдо Елаис, кои со својата впечатлива изведба и извонредна музикалност ја одушевија публиката.

Програмата, составена од внимателно избрани арии и канцони, создаде топла и свечена атмосфера, а уметниците добија долги аплаузи во знак на признание.

– Безвременските нумери како La Donna è mobile, Lunge da lei, Pourquoi me reveiller, Nessun dorma, Granada, Mamma и O sole mio беа само дел од репертоарот. Извонредниот тенор, во знак на благодарност кон организаторот „Охридско лето“ и кон публиката која ја исполни големата сала, изведе и една латино-американска композиција, демонстрирајќи ги своите вештини на гитара. Овој концерт повторно ја потврди мисијата на „Охридско лето“ – да понуди квалитетна културна програма и надвор од летната фестивалска сезона, приближувајќи ја врвната уметност до публиката.

Прочитајте и:  Повеќето британски граѓани се против укинување на правилата за Брегзит.

Со овој концерт, НУ „Охридско лето“ успешно ја заокружува 2025 година, во која одбележа значаен јубилеј од 65 години постоење. Програмата што се одвиваше во традиционалниот фестивалски период, од 12 јули до 20 август, како и концертите организирани во остатокот од годината, потврдуваат дека оваа национална установа е симбол на културната зрелост и најголемиот културен амбасадор на нашата земја.