Индиската армија се пофали дека нашла „траги“ од снежниот човек Јети (ФОТО)

Јети на дело?

„На 9 април годинава, планинарскиот експедициски тим на индиската армија за прв пат пронајде мистериозни траги од митското суштество ‘Јети’, во близина на базата Макалу, со димензии od 81 x 38 cm“, гласи Твитер објавата на индиската армија што ги збуни нивните околу 6 милиони следбеници и започна лавина од потсмевливи коментари. Како што објаснија од армијата во твитот, траги од Јети во реонот на националниот парк Макалу-Барун досега биле наоѓани само во минатото.

Во фолклорот на Непал, снежниот човек Јети е ужасно високо мајмуновидно суштество (налик на митскиот Бигфут/Сасквоч во Северна Америка), кое живее на Хималаите, во Сибир, и бо централна и источна Азија. Со оглед на отсуството на докази што одат во прилог на постоењето на Јети, повеќето, особено научниците, го сметаат за легенда.

Меѓутоа, како што пренесува Times of India, од армијата тврдат дека поседуваат „фотографски докази“ кои пред објавата на твитот (објавен е вчера, а трагите се најдени на 9 април) биле испратени до „експерти на полето“ за да ја проверат нивната научна валидност.

 

Научните студии во минатото покажаа дека потеклото на легендата за Јети, која се раскажува со векови, е базирана на вистински животни. Но, под „вистински животни“ дефинитивно не мислат на Јети. На пример, резултатите од ДНК анализите на влакно, крзно и фецес од наводно „снежниот човек“, објавени во 2017-та, покажаа дека се работи за примероци од хималајски и тибетски подвидови на кафена и азиска црна мечка. Во анализита во 2011-та, пак, генетски експерт покажа дека наводниот „прст на Јети“ најден во Непал во 1950-тите, всушност е човечка коска.

Оттаму, индиските Твитер корисници го оценија „соопштението“ на индиската армија како лудо и смешно. Некои се шегуваат дека трагите можеби се од џиновите претставени во Game of Thrones. Други, пак, прашуваат: Дали навистина не постои пологично објаснување?

- Реклама -