Индиски и светски авиокомпании подложени на вонредна проверка на прекинувачите за гориво на „Боинг“ по несреќата со „Ер Индија“

Индиските власти наложија проверка на прекинувачите за гориво кај неколку модели на авиони „Боинг“ за локалните авиокомпании.

Слична мерка донесе и Јужна Кореја, како дел од засилените контроли на механизмите за заклучување на прекинувачите, во контекст на истрагата за несреќата на „Ер Индија“, во која загинаа 260 лица.

Овие чекори се преземени и покрај уверувањата од производителот „Боинг“ и Американската агенција за цивилно воздухопловство (FAA) дека прекинувачите за гориво се безбедни.

Според првичниот извештај за несреќата, два прекинувачи за гориво биле префрлени во позиција „исклучено“ скоро истовремено по полетувањето. На снимките од пилотската кабина се слуша како еден од пилотите го прашува другиот зошто го исклучил горивото, на што вториот одговорил дека тоа не го направил. Извештајот исто така потсетува на препораката од FAA од 2018 година, која ги советува, но не ги обврзува авиокомпаниите што користат одредени модели на „Боинг“, вклучувајќи го и 787, да ги проверуваат механизмите на прекинувачите за гориво за да се избегне случајно исклучување.

Генералната дирекција за цивилна авијација на Индија објави дека издала наредба за проверка на прекинувачите за гориво на моделите „Боинг“ 787 и 737, откако и домашни и меѓународни превозници започнаа со инспекција.

Австралиската авиокомпанија „Квантас“ и јапонската „Еј Ен Еј“ изјавија дека ги следат упатствата на FAA веќе од 2018 година.

Сингапурските авиолинии, пак, спроведоа нови или дополнителни проверки по објавувањето на извештајот и потврдија дека сите прекинувачи за гориво на нивните авиони „Боинг“ 787, вклучувајќи ја и нискобуџетната подружница „Скут“, функционираат без проблеми.