Индија денес испиша историја, откако нејзиното вселенско летало „Чандрајан-3“ (Chandrayaan-3) успешно слета во близина на јужниот пол на Месечината.
Со овој чин Индија стана првата земја која успешно атерирала вселенско летало во близина на јужниот пол на Месечината.
Оваа азиска земја неочекувано доби шанса со златни букви да ја напише историјата на вселенското истражување, откако Русија во сличен обид во саботата го загуби контактот со леталото „Луна 25“, а во неделата на 20 август објави дека се урнало на Месечината.
Меѓутоа, ова не беше првиот обид на Индија да слета на Месечината. Најнаселената земја во светот доживеа неуспех во 2019 година кога вселенското летало „Чандрајан – 2“доживеа проблеми при спуштањето, по што се „заби“ во тлото.
„Индија сега е на Месечината“, среќно извика индискиот премиер Нарендра Моди, обраќајќи им се на присутните во контролната соба на ИСРО, притоа честитајќи му на персоналот на контролната соба и на другите Индијци за ова значајно достигнување.
Откако индиското летало го постигна историскиот успех со безбедното слетување на Месечината, сега сите се прашуваат што тоа ќе прави таму и што ќе случува со „Чандрајан- 3“ во следните часови и денови.
Прво, вселенското летало ќе чека неколку часа за целосно да слегне лунарната прашина. Потоа, панелите на една од неговите страни ќе се отворат и ќе биде поставена рампа за лунарниот ропвер “Праџиан“ (Pragiaan), да може да се лизга по површината.
Роверот потоа ќе истражува околу карпите и кратерите на Месечината, собирајќи клучни податоци и фотографии за да ги испрати назад на Земјата за анализа.
Леталото и роверот носат пет научни инструменти кои ќе помогнат да се откријат „физичките карактеристики на површината на Месечината, атмосферата блиску до површината и тектонската активност за проучување на она што се случува под површината“.
Датумот на слетување, исто така, беше внимателно избран за да се совпадне со почетокот на лунарниот ден – што е еднакво на 28 дена на Земјата – бидејќи на вселенското летало и батериите на роверот ќе им треба сончева светлина за да се наполнат и функционираат, јавува Би-би-си.
Извор: МИА