Интересни белгиски божиќни традиции

Чествувањето на Божик се разликува од земја до земја, па дури и од регион до регион. Некаде божиќните подароци се разменуваат на Бадник, некаде на Божиќ, во некои места како главен оброк се служи мисиркино месо, на други шунка, а некаде се претпочита морската храна. Свои специфики во чествувањето на Божик има и Белгија.

По традиција во Белгија за бадниковата вечера се собира целото семејство. Традиционалната вечера, се состои од три дела – се започнува со пијалак и предјадење, многу често супа, морска храна или апетисани, потоа следува главното јадење, најчесто печена полнета мисирка или дивеч и се завршува со десерт.

На ручекот на Божик пак се собира потесното семејство и тука по правило се служат специјалните колачи кои се приготвуваат за време на божиќните празници.

Неодминлив дел од секоја бадникова вечера или божиќен ручек е компирот, подготвен на различни начини, а особено се популарни крикетите од компири.

Традиционален белгиски десерт е Божиќната торта, која е ролатот направен од пандишпан премачкан со крем и прекриен со глазура од чоколадо и путер.

Во некои семејства се служи и т.н. „Пита на тројцата мудреци“. Станува збор за леб во кој е сокриен „фев“, кој може да биде некоја ситница, верски симбол, пластична или порцеланска мала фигура, златна паричка или дури зрно грав. „Питата“ се дели меѓу сите присутни на оброкот и оној кај кој ќе се падне „февот“ е крал или кралица на денот.

Божиќна елка

Традиционално во пресрет на Божиќ се кити елка со лампиони, светилки, ленти и ѕвезда на врвот. До елката, некои ставаат и украси што го симболизираат Христовото раѓање.

Покрај во домот, оние што живеат во куќи, обично во руралните средини, украсуваат елки и во своите дворови и поставуваат „сцени од Христовото раѓање“ во природна големина.

Со светилки, венци и ленти се украсуваат и куќите, во дворовите се поставуваат фигури на Дедо Мраз, санки и Ирваси, а многу често се пушта и пригодна музика.

Свети Никола и Црниот Пит

Во Белгија „задолжени“ за делење подароци се Свети Никола и неговиот помошник Црниот Пит. Така, Свети Никола се чествува на неговиот роденден – 6 декември, традиција кој според некои преданија датира од третиот век.

Но, Свети Никола уште на 4 декември доаѓа од Мадрид за да оцени кои деца биле добри и заслужуваат подароци, а кои биле лоши и нема да добијат ништо.

Следниот ден децата ги остават своите чевли или корпи пред вратата заедно со подарок или закуска за Свети Никола, од кого очекуваат да им донесе подароци и бонбони. Подароци се оставаат и за Црниот Пит, а понекогаш и сено за коњот на Свети Никола. Подароците вклучуваат колач од ѓумбир, мандарини или детски цртежи. Свети Никола пристигнува на покривот со својот коњ, по што Црниот Пит се симнува по оџакот и ги остава подароците за децата.

На самиот ден на Свети Никола – 6 декември, претпладнето се оди на црковна служба, по што се организира богат семеен ручек, кој задолжително вклучува колачи и пудинзи.

Кога станува збор за божиќните подароци, тука Свети Никола и Црниот Пит немаат никакви обврски, туку најчесто подароците за децата се оставаат под накитените елки на божиќното утро.

Божиќни панаѓури

По традиција во пресрет на Божик во белгиските населени места се организираат божиќни панаѓури, каде на тезги и штандови се продаваат занаетчиски производи, подароци, храна и пијалаци.

Божиќните панаѓури по правило се одржуваат на централните плоштади, но не ретко се организираат и во општинските згради или пак со поставување тезги и штандови пред локалните кафулиња.

Панаѓурите вообичаено траат во периодот на Адвентот, чествување кое трае четири седмици пред Божик. Адвентот се чествува со палење свеќи. Традиционално има четири свеќи во разни бои, кои се поставени на венец од гранки од елка или бор и се палат една по една секоја недела пред Божик.

„Среќен Божик“

Зборовите со кои се честита Божик во Белгија зависат делот во земјата во кој се наоѓате. Во регионот Фландрија, односно северната половина од Белгија, се говори белгиска верзија на холандскиот јазик, наречен уште и фламански, во јужната половина, односно регионот Валонија се зборува францускиот јазик, а на крајниот исток на земјата доминира германскиот.

Па така, во Фландрија Божик се честита со зборовите „Vrolijk Kerstfeest“, во Валонија со „Joyeux Noel“, а во деловите на германското говорно подрачје со „Frohe Weihnachten“, а сите едноставно значат „Среќен Божик“.

МИА

- Реклама -