Портпаролката на иранската влада, Фатеме Мохаџерани, во изјава за државната новинска агенција ИРНА рече дека одбранбените сили на Техеран се во „целосна подготвеност“. Таа не потврди, но ниту демантираше дали Иран ќе учествува во наредната рунда преговори во Исламабад.
„Имаме две стратегии: првата е војна, а втората е дипломатија“, истакна Мохаџерани. Таа дополнително нагласи дека иранскиот преговарачки тим „нема да попушти ни за момент кога станува збор за националните интереси“.
Во моментов не е јасно дали Иран воопшто планира да присуствува на преговорите, ниту која делегација би отпатувала во пакистанската престолнина. Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера објави дека американската делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, ќе пристигне во Пакистан. Шефот на Белата куќа исто така изјави дека договорот ќе биде потпишан до крајот на вчерашниот ден, што не се оствари.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му соопштил на својот пакистански колега Ишак Дар дека главна пречка за продолжување на дипломатскиот процес се „континуираните прекршувања на примирјето од страна на САД“. Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, пак, изрази загриженост дека Вашингтон „ги крши своите обврски и постапува неразумно“.




