Советникот на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека Иран не планира да го поддржи проектот за создавање коридор на Кавказ. Овој проект, кој е поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, има за цел да го поврзе Азербејџан со неговата енклава Нахчиван.
„Остварувањето на овој план би можело да ја загрози безбедноста на Јужен Кавказ. Иран е јасен: со или без Русија, ние ќе преземаме мерки за да ја гарантираме безбедноста во регионот,“ изјави Али Акбар Велајати за иранска новинска агенција.
„Сметаме дека Русија стратегиски се противи на овој коридор,“ додаде тој.
Спогодбата што беше постигната вчера во Вашингтон помеѓу азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, има за цел да стави крај на многудеценискиот територијален конфликт между двете земји.
Во основата на спогодбата лежи создавањето транзитна зона која ќе минува низ Ерменија, со цел да го поврзе Азербејџан со Нахчиван, што е долгогодишно барање на Баку.
Во овој геостратешки важен регион, богат со гас и нафта, САД ќе имаат дозвола за изградба на коридорот наречен „Патот на мирот и просперитетот“.
Иран долго време се опира на овој проект, стравувајќи дека би можел да го изолира од Кавказ и да доведе до присуство на странски сили на својата граница.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изутрината го поздрави мировниот договор постигнат со посредство на Вашингтон, но исто така предупреди дека е против „каква било странска интервенција“, во светло на правата за развој на САД во овој коридор со близост до иранската граница.




