Иран вети брз и цврст одговор на двата бомбашки напади во кои загинаа 103 луѓе, засега никој не ја презеде одговорноста

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди изјави дека безбедносните сили ќе одговорат „брзо и цврсто“ на двата бомбашки напади во кои загинаа повеќе од 100 луѓе, јави ДПА.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите, кои може да се покажат како најтешки во историјата на земјата.

На одбележувањето четири години од ликвидирањето на иранскиот генерал Касем Сулејмани, во близина на неговиот гроб во јужниот ирански град Керман, денеска се случија две експлозии при што загинаа 103 лица, а 140 беа повредени. Сулејмани беше задолжен за сите ирански воени операции на Блискиот Исток.

Вахиди прецизираше дека повеќето од жртвите загинале во втората експлозија.

„Нашите полициски сили се будни и ќе ги изведат пред лицето на правдата оние кои го извршија ова злосторство“, вети тој на државната телевизија.

Прочитајте и:  Израел се согласи на примирје со Хезболах

Иран го прогласи утрешниот ден за ден на жалост по двете експлозии.

„По терористичкиот инцидент во Керман, Владата го прогласи утрешниот ден (четврток) за ден на жалост низ целата земја“, објави државната телевизија.

МИА

- Реклама -