Исидора Данкан, Мајаковски, Толстој во животот на Есенин

Есенин е роден во селото Константиново во Рјазањската област. Низ прозорецот од неговата куќа се отвора поглед кон ридестиот брег на реката Ока и на една црква. На сето ова тој често се сеќава во своите стихови.

Започнал да пишува поезија како дете, а штом го завршил школувањето се упатил во Москва, во освојување на „литературниот Олимп“. Набрзо ги објавил своите први стихотворби. Во потрага по слава тој се сели во Петербург, каде што редакциите и литературните салони ги посетува облечен во руска народна носија, во национална плетена облека од кора од дрво или од пресувана волна, а своите стихови, пак, ги носел завиени во селско марамче. Со овој имиџ, кој во современиот свет се нарекува „самопромоција“, го свртел вниманието кон себе. Така, „селскиот“ самоук поет со густи златни кадрици станал исклучително популарен. Во 1916 година добил можност да настапува пред семејството на императорот Николај Втори.

Селото Константиново, Рјазанската област
Селото Константиново, Рјазанската област
За мене почна да се зборува оти сум хулиган и цар за скандал

Есенин имал репутација на кавгаџија. Активно учествувал во литературниот живот и често провоцирал други поети. Негови најпознати литературни двобои се оние со познатиот поет Владимир Мајаковски. Есенин со својата љубов кон пространствата на родната Русија не ја прифаќал револуционерно-индустриската лирика на својот колега. На една јавна поетска вечер Есенин му рекол на Мајаковски дека нема да му ја даде својата Русија: „Русија е моја! А, ти си Американец!“ На ова Мајаковски иронично му одговорил: „Земи ја слободно! И касни си ја со леб!“

536F2EAC7BE23C40B90E88DA722EFDFC

Многу жени ме сакаа, а и јас сакав многу

Љубовната лирика е втората најчеста тема во творештвото на Сергеј Есенин, кој бил миленик на жените. Од различни врски имал четири деца.

Неговата прва невенчана жена Ана во 1914 година го родила неговиот син Јуриј, но Есенин го напуштил семејството и заминал во Петербург. Сина си ретко го гледал.

Во 1917 година се венчал со актерката Зинаида Рајх, која била позната по својата убавина. Од неа тој ги добил ќерката Татјана и синот Константин. Две години подоцна се развеле, а Зинаида набргу потоа се омажила за прочуениот режисер Всеволод Меерхољд и станала една од најпознатите московски актерки.

Втората официјална жена на поетот била американската танчарка Исидора Данкан. Таа била 18 години постара од него и не зборувала руски, додека Есенин не знаел англиски. Нивниот брак бил преполн со скандали и траел околу две години. Поетот ја следел својата сопруга на турнеите низ Европа и Америка, каде што тој настапувал на литературни вечери.

Софија, третата сопруга на Есенин, била внука на Лев Толстој. Поетот се оженил со неа неколку месеци пред смртта. Тоа, исто така, не бил среќен брак. „Тука е сѐ преполно со ‘големиот старец’, а тоа ме гуши“, се жалел Есенин, кој живеел во куќата на Софија. Токму таа има направено многу за зачувување на наследството на поетот и ги има забележано своите спомени за него.

text_1925_esenin_i_tolstaya-1
Есенин и неговата сопруга Софија – внука на Толстој
Срце глупаво, не чукај…

Револуцијата од 1917 година поетот ја дочекал со воодушевување, надевајќи се дека тоа ќе донесе промени во Русија. Но, наскоро го видел гладот, уништувањето и теророт, така што започнал да опишува апокалиптични слики на Русија – „градина на черепи“ и „бесен сјај од трупови“. Во поемата „Пугачов“ за познатиот самозванец и водач на буната, кој во 18 век го започнал масовното селско востание против царицата Екатерина Велика, Есенин се врти кон темата на спротивставувањето меѓу власта и народот. Продолжение на оваа тема наоѓаме во поемата „Земја на арамии“. Во 1924 година (една година пред смртта) во песната „Враќање во родната грутка“ тој прикажува бедно, пропаднато село, трошни колиби во кои наместо икони на ѕидот виси портрет на Ленин од календар.

Гледајќи во него идеолошка и културна опасност, власта наложила негово следење, започнала против него неколку кривични постапки, кои во секој момент можеле да прераснат во политички.

Нервното растројство, склоноста кон алкохолот и притисокот од страна на власта во 1925 година го однела Есенин во психијатриска клиника. Еден месец подоцна тој бил пронајден обесен во ленинградскиот хотел „Англетер“. Претходната вечер Есенин со сопствената крв ја напишал последната песна „До гледање, друже, до гледање…“

Официјално се смета дека причина за смртта на Есенин е самоубиство, но во последниве децении се изнесени голем број алтернативни верзии. Најпозната е онаа според која неговото убиство го организирале советските власти.

esenin

***

Човек како мене вака се забавува:

Прстите в уста и си свиркам сал.

За мене почна да се зборува,

Оти сум хулиган и цар за скандал.

Ах, колку смешна загуба, воопшто не е строга!

Од такви нешта во животот не се бега.

Срам ми е што бев верувал во Бога.

Горко ми е, што не верувам во него сега.

Златни далечини мали!

За тоа да платам морам.

И бев хулиган и правев скандали

Со цел посилно да горам.

Дарот на поетот е да ласка и да шкраба,

Има тој печат судбоносен и клет.

Белата роза со црната жаба

Сакав да ги венчам јас на овој свет.

И нека не се остварија, безбели,

За розови дни замислите.

Но, ако ѓаволот во душава ми се всели

Значи во неа живееле ангелите.

Со моите весели и дрски крикови

Одејќи во другиот свет, со време,

Сакам во последните мигови

Да ги замолам тие што ќе бидат крај мене, –

За сите мои гревови тешки,

За благодатот во кој не верувам

Да ме стават во руска кошула, ќешки

Под иконите да умирам.

1923, Препев: Емил Ниами

Aвтор на текстот: Ина Парфенова/Руска реч на Македонски јазик

- Реклама -