Искршени клупи на повеќе локации низ Дебар

Продолжува несовесното однесување на дел од граѓаните на Дебар, како во однос она што е од јавен интерес или во фрлањето отпад на места кои не се определени за тоа, информираа од општината.

-Последното вандалско однесување на наши сограѓани е оштетувањето, со кршење на клупите за седење кои ги имаме поставено на шеталиштето во центарот на градот и во паркот во населбата „Венец еден“, кого неодамна целосно го реконструиравме со поставување клупи, детски реквизити, улично осветлување, чешма со вода за пиење. Навистина несовесно и жално, додаваат од општината.

Жители на населбата искажуваат револт и разочараност од ваквиот вандалски однос.

-Клупите насилно се оттргнуваат од местата каде што се поставени и се пренесуваат на крајот од паркот од каде има поглед на Дебарско Езеро. Дополнително на тоа, ги оштетуваат и деловите ги фрлаат во просторот над езерото, велат жителите.

Надлежните од локалната власт, неодамна предупредија  на зачестена појава на кражба и уништување на сообраќајните знаци, како и кражба на капаци од електричните столбови од уличното осветлување низ градот. 

-Посебна приказна за себе е кога станува збор за несовесноста во однос на депонирањето на  отпадот. Наместо во контејнерите, отпадот се остава до нив, најлони полни со отпад се фрлаат низ прозорците, ова посебно кај стамбените згради, а градежен шут и стар мебел, електрични апарати и постелнини се депонираат покрај патиштата или така да кажеме насекаде, велат од општината.

Јавното комунално претпријатие „Стандард“, потпомогнато од општината постави нови контејнери, на повеќе места и со поставени знаци за селектирање на отпадот а редовно апелира градежен шут и стар мебел и апарати да се транспортираат до депонијата, за што има и посебно возило за тоа.

- Реклама -