„Исправните“ вакцини со погрешен рок ќе бидат уништени

Да бидат уништени 624 МРП вакцини (од вкупно 635-те?) на чии кутии беа најдени декларации со истечен рок, одлучи Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД. Наредбата е веќе испратена до увозникот и дистрибутер „Македонијалек“, кој во рок од три дена треба да достави изјава дека вакцините се однесени во „Дрисла“.

Агенцијата размислува и за казна за увозникот во висина од 50.000 евра, додека Министерството за здравство, пак, ја разгледува можноста „Македонијалек“ да биде дисквалификувана од следниот тендер за набавка на вакцини.

Од Министерството чекаат и потврди за тоа кој ги примил вакцините при доставата во здравствените домови, а одговорност ќе се бара и од директорите, како и од вработените во вакциналните пунктови.

Во меѓувреме, епидемијата на морбили продолжува, со речиси редовна појава на нови случаи на заболени.

Граѓаните, пак, се прашуваат: Ако вакцините се исправни, како што тврдеа и тврдат Министерството, Агенцијата и Македонијалек, тогаш зошто да се уништуваат?

- Реклама -