Историски успех на SpaceX: Лансирана првата „половна“ вселенска ракета (видео)

SpaceX на Илон Мaск успешно ја лансираше, ја испрати во вселената, и ја врати назад првата половна ракета во историјата. Со тоа се остварува клучен чекор во намалувањето на трошоците на вселенското летање, и создавање можност еден ден луѓето да заживеат на други планети.

Ракетата Falcon 9 полета во вселената, го изведе сателитот на клиент-компанијата во орбитата, слета на беспилотната платформа во Атлантикот и собра бурни аплаузи од собраните во седиштето на компанијата во Калифорнија. Маск, кој ја создаде SpaceX со крајната цел да го колонизира Марс, го чекаше овој момент 15 години.

„Ова на крајот ќе се претвори во огромна револуција во вселенските летови“, изјави 45-годишниот Маск во вселенскиот центар „Кенеди“ во Кејп Канаверал, Флорида. До скоро, такво нешто се сметаше за невозможно, а Маск беше еден од ретките кои сериозно се нафатија на таквата задача.

Лансирањето, слетувањето, релансирањето, и реслетувањето на Falcon 9, сите во едно видео:

Колку за појаснување, голем дел од трошоците при летовите во вселената се поврзани со производството на мотори, капсули и друга опрема, кои вообичаено се користат само еднаш и потоа се фрлаат. Најскапиот дел обично се ракетите-бустери (кои ѝ го даваат потребното забрзување на главната ракета), кои можат да чинат и десетици милиони долари. Во ова револуционерно лансирање на SpaceX се работеше токму за половен бустер, за чија обнова беа потребни околу четири месеци.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

Ултимативната цел е двонасочното релансирање да се сведе на еден ден, бидејќи компанијата се стреми да ги реупотребува ракетите по примерот на авиокомпаниите.

SpaceX имаше 4 успешни лансирања годинава, а до крајот планира да лансира уште 20. Минатиот месец Маск најави и дека SpaceX планира да испрати двајца патници на платено еднонеделно патување околу Месечината до крајот на 2018 година.

„Немам зборови. Ова е навистина прекрасен ден, не само за SpaceX, туку и за целата вселенска индустрија, и докажува дека може да биде направено нешто што многу луѓе го сметаа за невозможно“, се изнарадува Маск.

Уште едно видео од релансирањето и реслетувањето, но овој пат ја доловува еуфоричната атмосфера (бонус: радосната фаца на Илон Маск):

PS. Тоа што го во видеата го нема самиот момент кога ракетата слетува на платформата е заради (очекуван) прекин во видео-комуникацијата со камерата на платформата.

- Реклама -