Истражните и правосудни органи не ја видоа корупцијата на Мерко видлива дури од Америка, критикува Ковачевски

Ставањето на градоначалникот на Општина Струга – Рамиз Мерко, на црната листа на САД, потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски денеска од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.

„Наводите што се наведени за ставање на црната листа на градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражните и правосудни органи треба да ги испитаат наводите што се наведени во соопштението од Стејт Департментот и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“, рече Ковачевски.

Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските интеграции на земјата, кои, како што посочи, меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.

„Сите оние кои се против овој процес, се против овие основи и овие придобивки“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, Ковачевски рече дека одговор на ова прашање ќе мора да даде самиот градоначалник затоа што тој е избран функционер на непосредни избори, а до советниците во Општина Струга упати порака добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

„Сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите. Да не заборавиме, тој бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во Општината“, рече Ковачевски.

Стејт департментот го прогласи градоначалникот на Струга и неговото семејство за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција.

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудсните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, стои во соопштението од Стејт департментот.

МИА

- Реклама -