Истражување: Една банкнота евро има еколошки отпечаток еднаков на осум километри возење автомобил

Просечниот еколошки отпечаток на плаќање со евро банкноти во 2019 година бил 101 микробод (µPt) по европски граѓанин, што е еднакво на еколошкиот отпечаток на возење автомобил од осум километри.

Ова го покажува студијата спроведена од Европската централна банка (ECB).

Студијата го мери можното влијание врз животната средина на сите активности во целиот циклус на евробанкнотата, од набавка на суровини, производство, дистрибуција и промет, до уништување што го вршат националните централни банки на еврозоната.

Студијата, која се базира на методологијата на Европската комисија за мерење на еколошкиот отпечаток на производите, го продолжува истражувањето кое започна со проценка на животниот циклус на првата серија на евробанкноти во 2004 година.

Главните фактори кои придонесуваат за еколошкиот отпечаток на банкнотите на еврото како платежно средство се потрошувачката на енергија поврзана со работата на банкоматите и транспортот. Потоа следи обработка во националните централни банки, производство на хартија и проверка на автентичноста на банкнотите во продавниците. Поради долгиот век на траење на банкнотите и нивната употреба при бројни плаќања, влијанието на производството на банкнотите е помало од влијанието на транспортот и дистрибуцијата.

Евросистемот се залага за најголема можна еколошка прифатливост на банкнотите на еврото и во исто време за широка достапност и општо прифаќање на готовина “, рече Пјеро Циполоне, член на Извршниот одбор на ЕЦБ.

Од 2004-та Евросистемот работи на намалување на еколошкиот отпечаток на евробанкнотите, на пример со употреба на исклучиво 100% одржлив памук и забрана за одлагање на отпадните банкноти на депонија.

Понатаму, производителите на банкомати и банките постигнаа напредок во намалувањето на еколошкиот отпечаток на нивните уреди. Студијата, која беше објавена денеска, покажува дека подобрувањата во енергетската ефикасност на банкоматите придонеле за 35 отсто намалување на нивното влијание врз животната средина помеѓу 2004 и 2019 година.
Се спроведуваат обемни истражувачки и развојни активности за во иднина банкнотите на еврото да бидат уште поеколошки во сите фази од животниот циклус. На пример, ЕЦБ разгледува алтернативни методи за справување со отпадните банкноти, како што се рециклирање и повторна употреба на отпаден материјал, како и можни подобрувања на материјалите и компонентите што се користат при печатењето на банкнотите.

 

 

- Реклама -