На 1 април беше премиерата на „Ивица и Марица“ додека премиерата на „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ е закажана за 9 април во 19 часот.
Приказната за храброста на Ивица и Марица и нивната пожртвуваност за семејството иако се само деца. Ова е сижето на истоимената театарска претстава на Летечката театарска трупа од Тетово чија премиера се одржа на 1 април. Оваа претстава имаше и втора изведба следниот ден кога ја погледнаа и ученици од тетовските основни училишта.
„Нашата „Ивица и Марица“ претставува поинакво гледиште на оваа традиционална сказна, која во нашиот случај е само позајмена и искористена како патека за пласирање на идејата за здрава, домашно произведена храна како силен предуслов за здрав човек и успешна личност. Нашата преработка на сказната вклучува комични и возбудливи елементи без вметнување современ наратив со што се зачувува едноставноста и леснотијата во раскажувањето на приказната што води кон лесна приемчивост кај најмладата публика. Претставата има и елементи на мјузикл, со песни кои ги исполнуваат дел од актерите, изјави режисерот Владимир Јованоски.
Театарската претстава „Ивица и Марица“ изобилува со оригинални костими, живописна сценографија и соодветна музичка илустрација. За режисерот Јованоски најважно е што најмладата публика јасно ги воочила клучните пораки од претставата за позитивните и негативните човекови особини.
-Сказната за Ивица и Марица треба да придонесе кон зајакнување на традиционалните детски карактерни особини, како вредноста и послушноста. Преку театарската игра ѝ се даде јасна порака на најмладата публика дека негативните ефекти од нездравиот начин на живот и исхрана носат опасности и последици со кои понатаму во животот ќе треба да се соочат. Паралелно со ова, очекуваме да се подигне цивилизациската свест кај најмладата генерација за наклоност кон уметноста, омасовување на театарската публика преку градење навика на родителот да го носи своето дете на театарска претстава, а со тоа создавање здрава и културно изградена публика, вели Јованоски.
Театарската претстава „Ивица и Марица“ е поддржана од Министерството за култура преку годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година.
Покрај оваа, Летечка театарска трупа подготвува уште една премиера. Се работи за комедијата „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ која премиерно ќе биде изведена на 9 април во 19 часот, а втората изведба е во четврток (11 април) во 19 часот во НУ ЦК „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Режисер на претставата е Зоран Јованоски, според кого, се работи за преработка на Нушиќевата безвременска комедија која е така приспособена за од неа да можат да извлечат животна поука како младите, така и возрасната публика.
-Нашата преработка на „Сомнително лице“ треба да придонесе кон зајакнување како на традиционалните, така и на современите позитивни човекови вредности, мудро канализирани во младешката бунтовност, позитивни промени, следење на современите текови, почитување на веќе воспоставените вредности и осознавање нови, истакна Јованоски кој најавува „смеење до солзи“ на нивната преработка на „Сомнително лице“.