Издавач на сместување понуди бесплатен одмор на море за самохрани мајки со деца кои не можат да си дозволат

Бранко Раковац е еден од оние херои кои не носат наметки. Но за него деновиве зборуваат ширум Хрватска.

Бранко е издавач на апарматни во Пореч, кој оваа година реши да развесели неколку деца кои немаат можност да отидат на одмор на море, и со тоа покажа дека за добрина не треба многу.

Па така, добродушниот Бранко го објавил следниов оглас:

„Внимание и известување! Наскоро завршува училишната година. Подарувам бесплатен престој во еден од моите апартмани, до 7 дена, за 3 до 5 лица, на самохрана мајка (или татко) со деца. Апартманот е опремен со сè што имате и по дома – значи можете да си подготвувате ручек, а имате на располагање и базен. Ако доаѓате со автобус, а сте со послаби финансиски можности, ќе ги платам и повратните карти. Ако сакате за време на престојот и на море, јас бесплатно ќе ве носам на плажа. За терминот можеме да се договориме по телефон, мејл или месинџер. Оние кои познаваат некого во таква ситуација слободно нека ми ги препорачаат или нека ме контактираат. Ќе ми биде драго да уживаат деца кои инаку немаат таква можност“.

Во разговор за хрватски „Индекс“, тој открива дека му се јавиле прилично многу луѓе, но бесплатниот престој решил да го отстапи на една самохрана мајка со три деца.

„Госпоѓата има три деца и се со послаба финансиска моќ. Ми рече дека ќе работи на црно за да заработи за превоз до Пореч, на што ѝ реков да не се грижи, дека ќе им ги платам автобуските карти. Што ми значат 1350 куни (околу 180 евра) кога за цело лето ние изнајмувачите заработуваме од 10 до 20 илјади евра? Се надевам дека и останатите 200.000 изнајмувачи ќе направат ваков чекор. Само во Пореч ги има најмалку 3.000. Доколку секој десетти од нив отстапи свој апартман на неколку дена на деца кои немаат прилика да отидат на море, тоа е веќе голема работа“, вели Бранко.

Нему ова му е првпат бесплатно да го отстапи апартманот на семејство за кое летниот одмор е недостижен луксуз. Меѓутоа, планира истото да го повтори и следната година, а веројатно и секое следно лето во иднина.

- Реклама -