Изјавите на Груби и Касами се навредливи и за Албанците: „Не сме ни глупи, ни необразовани, ни прости“, им порача Лиса Шаќири

„Прво, ние не сме глупи, ни необразовани, ни прости“, реагира Лиса Баута Шаќири на најавите на Артан Груби за субвенции за етнички вработувања, како и на изјавата на Биљал Касами од Беса дека приватните фирми треба да воведат двојазичност за да овозможат еднакви услови при вработување затоа што, како што вели тој, дел од дипломираните Албанци не знаеле македонски.

Таа ги потсети Груби и Касами дека и Албанците се „фала богу, здрави и прави“ и конкурираат на трудовиот пазар еднакви и со Македонците и со Германците, и со сите други, и тука и во странство.

„Не сме ништо помалку стручни од ниедни други, а стручната спремност е индивидуална и секој според заслугите во приватни фирми“, додава Шаќири, која по професија е правник, а инаку е ќерка на прославениот македонски фудбалски судија од Струга – Беким Баута, и сопруга на македонскиот поп-пејач Арбен (Бени) Шаќири.

„Тоа што вие како партија можете да направите е барем мало делче од кадарот што го вработувате да не биде делегиран од вашата партија туку да им се даде еднаква шанса на сите Албанци, без разлика на тоа има или нема вложено труд за партијата (или поедува или не партиска книшка)“, пишува таа на Фејсбук.

Прочитајте и:  ВРЕДИ: ДУИ ги држеше Албанците како заложници со договори на дело, ние ќе ги решиме сите неправди кон нив

„Второ, ретко кој дипломиран Албанец не знае Македонски. Тие што студирале надвор од државава може да не знаат, ама тие не ви се враќаат тука да ве молат, се вработуваат во ТОП фирми низ Европа и Америка.

Двојазичност не можете да наметнете кај приватни сопственици, па ни Македонски јазик не можете да наметнете кај Албански и странски приватни фирми што работат тука.

Во приватниот сектор веќе постои двојазичност секаде каде тоа носи екстра профит. Почнувам од берберот што ми е комшија и зборува, освен својот Македонски јазик, и Албански, па сѐ до поголеми фирми.

Конечно претсанете да нѐ омаловажувате и прикажувате како помалку квалитетен кадар од другите. Оваа ваша ефтина популистичка и ко бајаги патриотска игра придонесува да изгледаме уште поинфериорни отколку што им се причинуваме на Македонците“, вели Шаќири во постот.

- Реклама -