Во Градската општа болница „8 Септември“ е излекуван пациент кај кого коронавирусот предизвикал воспаление на мозокот. Ова е шести познат случај во светот каде Ковид-19 развил ваква клиничка слика, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
„Ова е реткост во светот и убава вест меѓу медицинските работници во установата кои со месеци секојдневно водат битки со Ковид-19. Тие се надеваат дека новиот ден ќе донесе помалку новозаболени. Вирусот е непредвидлив. Чувајте се, почитувајте ги мерките и заштитете се“, порача Филипче, додавајќи дека е среќен што денеска се регистрирани рекордни 336 оздравени пациенти.
Како што пренесува „Телма“, 20-годишното момче било донесено во ГОБ „8 Септември“ пред околу две недели, со Брза помош и количка, со симптоми слични на мозочен удар.
По направени сите можни испитувања, докторите откриле дека всушност станува збор за воспаление на мозокот, односно енцефалит. Утврдиле дека од респираторниот тракт, коронавирусот преку крвта успеал да стигне и да го нападне мозокот, предизвикувајки сериозна клинчичка слика.
Д-р Илија Здравков и целиот медицински персонал се пресреќни што му го спасиле животот на младиот пациент, а денеска со момчето се испратиле со насмевки. При лекувањето, искуства црпеле од другите малку вакви случаи низ светот. Изјавата (и радоста) на д-р Здравков погледнете ја ТУКА.