Утре во 18.00 часот, во просториите на КСП Центар-Јадро ќе биде отворена изложбата „Архиви на пријателство – поетики на отпорот“ во организација на Кооператива – Регионална платформа за култура.
Главната мотивација зад оваа скромна рефлексија на работата на Кооператива и нејзините членови е да се создаде можна мапа на поврзувања преку споделени искуства, заедничка работа и продукција во рамките на независната културна сцена.
,,Размислувавме кои патеки и знаци, покрај главниот пат, создаваат можности за нови перспективи за различните значења на слободата, демократијата и автономните зони. Без да тврдиме дека создаваме стабилен историски наратив, со придонеси и размислувања од организации-членки, уметници и соработници кои активно не менуваат преку нивната работа, составивме можен колаж од искуства обликувани од взаемни влијанија. Преку размена со голем број соработници, доживувајќи фрустрација, возбуда, незадоволство, разочарување и радост, се впуштивме во потфат на размислување со неизвесен исход. Движењето на Кооператива, и сите ние што се обединуваме во него, не е линеарно, туку диктирано од општата општествена динамика. Работиме и постоиме нелинеарно, без ред и редослед, набрзина. Организиран хаос, прекини, лабораториска структура – тоа е нашиот контекст во кој сè уште размислуваме за алтернативи. Оваа изложба е уште еден придонес кон нашиот заеднички хаос”, велат организаторите.
Концепт и куратори на изложбата се Искра Гешоска и Милица Пекиќ.Дизајнот на изложба е на Дејан Драгосавац – Рута, а продуценти и соработници се Дејан Кошќак, Тијана Ана Спасовска и Ена Грабар.