Изложбата „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“беше отворена на 30.12.2023 година (Оваа сабота) во 14 часот, во новиот алтернативен културен центар Laboratorium, како дел од проектот „60 години од 5 и 17“ чиј автор е архитектот Филип Конески.
Сочинета е од илустрации кои се започнати една декада наназад и разработувани во периодот до нејзиното отворање. Идејата за носачот на илустрациите е произлезена од постземјотресната архитектура на Скопје, каде армираниот бетон е главниот применет градежно конструктивен материјал, како и паралелата со уличната уметност каде бетонските ѕидови најчесто се користат како подлога за исцртување. Врзувајќи ги овие две точки на инспирација, Конески изработува 60 бетонски плочи со димензија 20/20cm на кои презентира два авторски и еден експериментален концепт на аплицирање илустрација.
Првиот концепт претставува дигитален цртеж, печатен директно на бетонските плочи, додека кај вториот илустрацијата е печатена на форекс, со цел да се издвои цртежот во посебен слој и да се наддаде на плочите. Во еден дел од изложбата се претставени и илустрации работени со примена на AI (вештачка интелегенција), без притоа да се дефинира позитивен или негативен став кон оваа алатка, туку едноставна експериментална примена.
Инспирацијата од постземјотресната архитектура на градот е бескрајна а со тоа се потврдува нејзината вредност како недвижно културно и градителско наследство кое го дефинира идентитетот на „Новото Скопје“.
Извор: МАРХ