Изложба на плакати „Визуелни Рефлексии“ на Лазе Трипков

Во четврток на 5 септември во 19.30 часот во Народниот Музеј во Велес, ќе биде отворена изложбата на плакати под наслов „Визуелни Рефлексии“ на Лазе Трипков.

Изложбата е составена од дизајнирани графички дела – плакати, создадени во „Ковид“ пост – ковид периодот, односно од 2020 до денес.

Лазе Трипков е високо позициониран графички дизајнер и едукатор со страст за интердисциплинарна уметност и дизајн практики. Моментално е професор по визуелна комуникација и графички дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. Неговата експертиза се протега низ креативни дигитални дисциплини,вклучувајќи VR (виртуелна реалност), дигитални медиуми, интерактивни инсталации и истражување, како и употреба на новите технологии во образование.

Лазе магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Варшава и продолжил со пост-магистерски студии по мултимедија и дизајн на Академијата за ликовни уметности во Лоѓ.

Истражувал за симболите и иконографијата на балканскиот регион како докторанд на Фулбрајт. Неговите дела се прикажани на 6 самостојни изложби и преку 75 групни изложби ширум светот, со што му донесоа престижни награди како што се наградата Златна пчела од Московското биенале за плакат и почесната награда од Чешката асоцијација за графички дизајн AUG.

Изложбата на плакати под наслов „Визуелни Рефлексии“ претставува дизајнирани графички дела – плакати, создадени во „Ковид“ пост – ковид периодот, односно од 2020 до денес, кои допираат до разни теми и зборуваат за преокупациите и идејното размислување на уметникот.

Прочитајте и:  Изложба на фотографии на Бранислав Бркиќ, Србија, во Галерија Рудиќ

Ликовниот уметник, графичкиот дизајнер Лазе Трипков, при дизајнирањето на плакатот, кој како медиум за јавно информирање, во преден план ги става редот и функцијата, повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот кој треба да ја пренесе информацијата. Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум, во кој преку дизајнерскиот дискурс и нарацијата на секој изработен плакат со иновативен пристап, преку уметничко обликување на графичкиот дизајн на плататите не информира, толкува и пренесува пораки кои допираат до разни теми, за што всушност е и намената на плакатот. Во плакатите формалните елементи на дизајнот, сликата, симболот и пишаниот збор се во непосредна визуелна комуникација, која станува еден од кодовите на новото време. Преку навидум едноставните цртежи воспоставува визуелен баланс во однос на ликовниот прилог и зоната на читање, интегрирани во композициската целина.

Кај плакатите на Трипков текстот е секогаш составен елемент во дообјаснување на сликата, допринесуваќи кај гледачот окулу толкувањето на уметничко-ликовната представа, со што постигнува ефикасна визуелна комуникација со релевантната информација.

- Реклама -