Вчера во рамките на книжевниот фестивал Друга приказна, во културниот центар Јадро, од 12 до 18 часот се одржа отворена работилница на современ вез Текстилни весници водена од уметницата Милица Дукиќ.
Денес на третиот ден од фестивалот, во 17 часот, во Јадро ќе биде отворена изложбата со наслов Текстилни весници или презентација на делата изработени на работилницата.
Текстилни весници е серија уметнички дела кои Милица Дукиќ ги развива во последните три години преку колаборативен пристап. Овој проект вклучува повик до различни групи и поединци да учествуваат во создавањето уметнички дела инспирирани од дневниот печат.
На пример, во последниот сегмент од проектот, за време на групната изложба во Белград, Милица организирала отворени работилници пред галеријата „Ремонт“. Учесниците, меѓу кои и колегите и случајните минувачи, имале можност да се приклучат и да дадат свој придонес во текстилната верзија на весникот „Политика“ од 3 јуни 2024 година.
Овој проект потоа е продолжен за време на резиденцијалната програма во селото Вишни, каде што на почетокот на август авторката соработувала со мештаните и локалните уметници од Струга. Оваа резиденцијална програма е реализирана со поддршка на организацијата ИНКА од Струга (иницијатива за независен културен активизам).
За време на фестивалот „Друга приказна“ во просторот „Јадро“ во Скопје, Милица ќе понуди отворена работилница за сите заинтересирани. Учесниците ќе имаат можност да ги видат и испробаат нетрадиционалните техники на везење.
Секој што ќе се вклучи ќе биде препознаен како ко-креатор на уметничкото дело, а за возврат ќе има бесплатна работилница со кафе и освежување. Милица ќе демонстрира како современите техники на вез може да се користат на поекспериментален и послободен начин во споредба со традиционалниот пристап.
За оваа работилница не е потребно предзнаење, а грешките се охрабруваат како дел од процесот на учење, промовирајќи послободен пристап кон работата. Бидејќи везот е бавен процес, ни дава можност за разговор на различни теми, при што информациите од весниците често служат како двигатели на разговорот.
Наместо да работи сама во затворено студио, Милица одбира да го сподели своето време со сите оние кои се заинтересирани за она што таа го работи, со што го изложува својот работен процес, создавајќи простор за средби, дружење, нови контакти и потенцијални нови пријателства.
Текстилни весници, низа дела во настанување (2021- )Текстилните весници се тактилни објекти создадени со користење на техники на текстилен вез (најчесто на стари перничиња).
Инспирирани од дневните весници, ја толкуваат нивната содржина додека се занимаваат со прашањето за квалитетот и, пред сè, количината на понудените информации.
Милица ја развива оваа серија во последните три години преку партиципативна и перформативна работа со различни групи во различни средини (како што е училиштето за специјална едукација д-р „Милан Петровиќ“ во Нови Сад, Art Cube Artists Studios во Ерусалим, во Белград – соработка со галеријата „Ремонт“, како и со локалните жители од селото Вишни, за време на нејзиниот краток резиденцијален престој во Македонија).
Преку „сесиите за вез“ и вклучување на други соработници во производството на делата, Милица не само што ги критикува медиумите, туку и создава атмосфера за отворен општествен дијалог и дискусија на релевантни теми.
Милица Дукиќ (родена 1989 година во Србија) дипломирала и магистрирала на катедрата за сликарство, а стекнала и мастер диплома на катедрата за цртање на Академијата за уметност во Нови Сад. Од 2014 година е член на Здружението на ликовни уметници на Војводина, со статус на Самостојна визуелна уметница. Милица е член на Претседателството на СУЛУВ (од 2022 година) и СУЛУЈ (од 2024 година).
Како активна членка на MMC LED Art/ Šok zadruge (2013-2021), таа има значаен придонес за локалната уметничка сцена, работејќи како галеристка и учествувајќи во различни програми. Нејзината уметничка работа вклучува вез, фотографија и текстилна уметност, со 15 самостојни изложби и учество во повеќе од сто колективни проекти.
Милица е поборничка за инклузивни уметнички практики и волонтирала како уметничка инструкторка во училиштето „Милан Петровиќ“ за лица со посебни потреби. Во ноември 2021 година, таа се преселила во Ерусалим на долгорочна волонтерска програма, работејќи со лица со интелектуална попреченост и била уметница во резиденција во студиото Art Cube Artists Studios (јануари – јули 2023). По враќањето во Србија во 2024 година, таа била избрана за финалистка за наградите „Мангелос“.
Текст и фотографии превземени од Окно