Израел вечерва решава дали ќе биде одобрен договорот со Хамас, еве што тој вклучува

Израелскиот кабинет вечерва во 20 часот (по локално време) ќе одржи седница на која треба да биде одобрен договорот за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас уште од 7 октомври.

Пред тој состанок средба ќе има воениот и безбедносниот кабинет за договорот врз чија основа Хамас ќе ги ослободи заложниците, а Израел ќе ги ослободи палестинските затвореници.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху изјави дека напредуваат преговорите за ослободување на заложниците.

„Се надевам дека набрзо ќе има добри вести“, истакна Нетанјаху.

И високиот функционер на Хамас, Изат Ришак, денеска најави дека договорот може да биде постигнат во „наредните неколку часа“.

Во меѓувреме и портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, со чие посредство се преговара, Макед Ал-Ансари, изјави дека преговорите се во „критична и завршна фаза“.

Што вклучува договорот?

Според неименуван извор, во договорот се вклучени и повеќедневно примирје, потоа Хамас да ослободи околу 50 цивили кои ги држи во заложништво, како и ослободување на палестинските жени и деца од израелски притвор.

Ришак, за „Ал Џезира“, изјави дека преговорите се за примирје што ќе трае „неколку дена“ и ќе вклучува договори за влез на помош во Газа и размена на заложници земени од Хамас за луѓе затворени во Израел.

Договорот ќе вклучува ослободување на израелски жени и деца од Газа во замена за палестинските жени и деца од „окупациските затвори“, а сите детали од договорот ќе ги соопшти Катар, додаде тој.

Прочитајте и:  Хамас вели дека се „подготвени“ за примирје во Газа по прекинот на огнот во Либан

Извори запознаени со преговорите за примирје изјавија дека рамковниот договор вклучува петдневно примирје, кое се состои од прекин на огнот на теренот и ограничувања на израелските воздушни операции над јужниот дел на Газа. За возврат, меѓу 50 и 100 заложници држени од Хамас и Исламски џихад, посебна палестинска милитантна група, ќе бидат ослободени. Тие ќе вклучуваат израелски цивили и затвореници од други националности, но не и воен персонал.

Загриженост во израелското раководство

Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, изрази загриженост околу најавите за договор. Тој издаде соопштение во кое предупредува на потенцијалните последици од потенцијалниот договор помеѓу Израел и Хамас.

„Многу сум загрижен, бидејќи се зборува за некаков договор… нè држат подалеку и не ни ја кажуваат вистината. Гласините се дека Израел повторно ќе направи голема грешка на сличен начин како договорот за Шалит“, посочи Гвир.

Тој алудираше на договорот од 2011 година, кога Хамас се согласи да го ослободи израелскиот војник Гилад Шалит во замена за 1.027 затвореници.

Според Гвир, евентуален договор со Хамас „може да донесе катастрофа“ поради евентуалното ослободување на палестинските затвореници, како и дозволата за испорака на гориво во Појасот Газа.

Извор: МИА

- Реклама -