Израелската армија им се заканувала на германски новинари

Израелски војници ја запреле ТВ-екипата на германскиот јавен сервис АРД по враќањето од снимање на Западниот Брег и им се заканувале со оружје, јавија германските медиуми.

Инцидентот се случил вчера попладне откако ТВ-екипата на јавниот радиодифузен сервис Bayerische Rundfunk (BR), кој е задолжен за дописниците во Тел Авив, се враќала од снимање на извештај за насилството на израелските доселеници врз Палестинците.

Дописникот Јан-Кристоф Кицлер сведочи дека израелските војници јужно од градот Хеброн ги запреле и ги држеле еден час. Во исто време, како што дополнително сведочи тимот, војниците се однесувале „исклучително агресивно“.

– Војниците ни се закануваа со оружје и не прашуваа дали сме Евреи. Еден наш колега го нарекоа предавник, рече Кицлер. Ситуацијата се смири дури по еден час, откако на контролниот пункт пристигнале и други војници и полицајци.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

За БР ова е јасен напад на слободата на медиумите.

– Ова е втор ваков случај оваа недела. Нашиот тим јасно се претстави како акредитиран новинарски тим и тие беа далеку од безбедносните области каде што на новинарите им е забранет престој, рече Кицлер, додавајќи дека однесувањето на израелската армија е неприфатливо.

Портпаролот на израелската армија изјави дека во моментов се истражува позадината на овој инцидент и се извини за „евентуална непријатност“.

Здружението на странски новинари во Израел ја повика израелската армија да ги почитува правата на новинарите, особено по инцидентите во кои беа вклучени новинари кои известуваа за напади од жителите на илегалните еврејски населби на Западниот брег на Јордан.

МИА

- Реклама -