Израелската војска најави интензивирање на нападите, тврди дека 700.000 Палестинци избегале од северниот дел на Газа

Околу 700.000 Палестинци досега избегале во јужниот дел на Појасот Газа по повикот за евакуација на цивилите во северниот дел на крајбрежниот појас, тврди израелската војска.

Цивилите кои остануваат во градот Газа и северниот дел на палестинската територија треба да се преселат јужно од природниот резерват Вади Газа заради своја заштита, порача портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, во телевизиска изјава.

Истовремено, тој најави дека Израел ќе ги интензивира нападите врз воените цели на Хамас и нивните административни објекти на север.

„Ќе продолжиме да напаѓаме цели кои би можеле да претставуваат закана за копнените сили во следните фази од војната“, рече Хагари.

Денеска, инаку, се навршуваат две седмици откако стотици палестински милитанти предводени од Хамас убија и масакрираа стотици цивили во ненадеен напад врз Израел. Оттогаш, израелските одмазднички напади во Газа ги поттикнаа стравувањата од хуманитарна катастрофа и регионална ескалација на конфликтот. Обединетите нации проценуваат дека околу 1.4 милиони луѓе во Појасот Газа веќе се раселени поради израелското бомбардирање.

Прочитајте и:  Борел го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан

Повеќе од 544.000 од нив побараа засолниште под покровителство на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA). Други се во засолништа со семејството или пријателите, според ОН.

Израел денеска соопшти дека стотици ракети истрелани од милитантите кон Израел не ја достигнале целта и ја погодиле Газа. Според портпаролот на ИДФ, Хагари, повеќе од 550 од околу 7.000 ракети истрелани од Газа од почетокот на војната ја погодиле само палестинската територија. Само во последните 24 часа околу една петтина од истреланите ракети паднале на палестинска територија.

„Погрешно насочени ракетни напади на Хамас и Исламски џихад убиваат невини цивили во Појасот Газа“, потенцираше Хагари.

Извор: МИА

- Реклама -