Во најновиот нацрт извештај на УНЕСКО, кој ќе се разгледува на претстојната 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство на 10 јули во Баку, по првпат од 1979 година – кога Охрид е впишан меѓу заштитените подрачја од УНЕСКО, се препорачува Охридскиот регион да се стави на листата на загрозено светско наследство.
Во извештајот се констатира дека заштитеното охридско подрачје е под континуирани закани од градежни потфати, дека нема напредок на полето на решавањето на проблемите со животната средина и дека малку е направено околу имплементацијата на приоритетните препораки од мониторинг мисијата на УНЕСКО од април 2017-та година. Една од тие беше препораката број 6 – за прогласување на привремен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион сè до донесување на потребните планови.
Во нацрт извештајот УНЕСКО повторно бара мораториум за било какви урбани трансформации на брегот, сè додека не се усвојат ефективни законски решенија за заштита. Бара и да се направи проценка на влијанието на нелегалните градби во заштитеното охридско подрачје, како и отстранување (рушење) на оние градби кои го загрозуваат.