Експремиерот во азил – Никола Груевски, повторно со обраќање преку Фејсбук. Покрај опширниот дел во кој Груевски објаснува како ВМРО-ДПМНЕ го поправиле судството, а СДСМ го вратиле на првобитната состојба (подложно на лобирања) и покрај краткиот демант дека зградата на Град Скопје е премала да ги собере сите вработени, Груевски пишува и за снимките од прислушуваните разговори, но и наводната понуда што премиерот Зоран Заев ѝ ја понудил на тогаш сѐ уште специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на средба што се одвивала, наводно, во периодот март-април годинава.
„Неодамна објавив дека две недели пред апсењето Катица Јанева го задолжила обвинителот Пеливанов да преслушува снимки поврзани со Заев. Ми пренесоа дека имало реакции дека тоа не е точно, по што извршив дополнителна проверка и имам мала исправка. Имено, при пренесувањето на информацијата ми беше кажано дека нејзин близок соработник по потекло од Кавадарци го правел тоа заради што така напишав. Всушност, друг нејзин близок соработник од Кавадарци ја добил таа должност, еден од истражителите, извесен Атанас. И не две недели, туку еден до два месеци пред апсењето.
Но, поентата беше дека попусто го правеле тоа, затоа што Заев претходно, пред да ги предаде матерјалите во СЈО внимателно ги остранил сите компромитирачки за него снимки. Токму затоа и имаше огромно доцнење со предавањето на снимките на СЈО. Формално се предадоа еден месец по истекот на законскиот краен рок, согласно Законот за заштита на приватноста. Овој закон Заев одлично го знаеше бидејќи само една недела пред неговото донесување лично учествуваше во неговата подготовка и прифаќање одејќи во детали член по член.
Тоа е формалното предавање на аудио матерјалите. Неформално уште околу половина месец подоцна, кон средината на јануари, една вечер во фабриката за правење керамиди на Заеви ,,Еленица” во Струмица, Заев ги има предадено на Јанева лично на рака. Потребата внимателно да острани сѐ што е компромитирачки за него беше посилна од факот што порано или подоцна сите незаконски прибавени аудио матерјали во форма на копија и не споредена со оргиналот, како и не вештачени, ќе паднат во судска постапка во земјата или во Стразбург. Меѓудругото и заради прекршување токму на роковите за предавање на аудио матерјалите во Законот за заштита на приватноста“, пишува Груевски.
Што се однесува до наводната понуда, Груевски тврди дека некаде во март-април годинава Јанева била за првпат поканета во премиерскиот кабинет, но со упатство да не влегува од главниот и официјален влез, туку од директниот влез во премиерскиот кабинет од гаражата на владата, кој се користи при пристигнување и заминување од работното место на секој досегашен премиер.
„Секогаш претходно Јанева доаѓа од официјалниот влез на владата. По средбата Јанева вознемирено известила свои блиски лица дека и било предложено да се повлече од функцијата со образложение дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати продолжување на СЈО со неа на чело. Предлогот бил, таа да се повлече за СДСМ да го задржи СЈО како свој инструмент во политиката со друг нивни човек на чело, а подоцна по смената на претседателот на Врховниот суд (очигледно уште тогаш планирана), Јанева да биде промовирана во претседател на истиот. Јанева, која меѓудругото била свесна дека по сегашните закони не може да биде назначена за претседател на Врховниот суд, остро се спротиставила со зборовите: “ако одам јас, ќе одиш и ти”, што засега како што сите знаеме не е така. Сепак, Заев знае на што мислела кога го рекла тоа…“, пишува експремиерот во бегство. Остатокот од неговиот статус прочитајте го во продолжение: