Јанева направи паралела со Груевски: Јавноста нека направи разлика како изгледа кога си чист

На денешната изненадувачка, но долгоочекувана прес-конференција, специјалната јавна обвинителка која во јавноста повеќе од една недела тесно се поврзува со случајот „Рекет“ – Катица Јанева, најодговорно демантираше дека на било каков начин ја злоупотребила својата должност, позиција и моќ.

Таа потврди дека, како и многу други лица на различни државни функции, го познава лицето Бојан Јовановски алијас Боки 13, но истакна и дека до неа подолго време допирале гласини дека тој, но и многу други лица, го злоупотребувале нејзиното име и презиме и нејзината позиција и моќ за разни цели.

Оттаму, Јанева ги охрабри правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности околу случајот „Рекет“, а потоа се осврна на својата оставка, правејќи паралела со, барем навидум, бегството/азилот на експремиерот Никола Груевски:

„Ја депонирав мојата оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. Со овој чекор сакам да бидам пример за сите останати. Не само да не дозволам да бидам користена за нечие алиби за Европските интеграции, туку покажувам висока професионална свест и со депонирањето на мојата оставка потврдувам дека немам никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот ‘Рекет’. Граѓаните и јавноста нека направат разлика што значи да бидеш свесен за одговорноста која ја носиш и како се постапува кога знаеш дека си чист и што значи кога некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата“, порача Јанева.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Целосен транскрипт од нејзината прес-конференција (без новинарски прашања, затоа што обвинителката не ги овозможи), ќе најдете ТУКА.

- Реклама -