Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за новинската агенција „Мета.мк“ рече дека прво ќе се изврши проверка на начинот на кој досега работеле студентските домови, врз основа на поплаките што досега стигнале во министерството, а потоа контролите ќе бидат на редовна основа.
„Досегашните поплаки за работењето на студентските домови ги проследивме до Државниот просветен инспекторат. ДПИ има многу работа, но ги замолувам инспекторите да вложат максимален ангажман, за да можеме да ја поправиме државата. Тоа е неопходно затоа што треба да им овозможиме на младите нормално да функционираат за да можат да градат вредносен систем, да градат морални норми, за да си ја сакаат татковината и да сакаат да придонесат за неа. Затоа ДПИ интензивно влегува и во студентските домови, прво таму од каде што имаме поплаки, а потоа кога ќе ја завршиме ургентната работа, Просветниот инспекторат редовно ќе прави контроли и анализи на нивното работење“, посочи Јаневска.
Министерката рече дека е жално што студентските домови, во дел, беа крајно запуштени и нудеа супстандардни услови за живот, затоа што во нив учат младите луѓе кои утре треба да ја градат и водат државата. Укажа дека ќе продолжи започнатото реновирање на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, а наскоро ќе започнат и реконструктивните активности во „Стив Наумов“ во Скопје, но и дека ќе се работи на подобрување на условите во целата држава.