Јанушев: Ако Русковска чувствува лутина кон ВМРО-ДПМНЕ, во прашање е доведена нејзината објективност

„Русковска како доказ доставила вештачење од невропсихијатар во кое пишувало дека кај неа има лутина кон тужените, анксиозност и загриженост. Нека ѝ каже некој дека нема граѓанин во Република Македонија што не го осеќа истото кон неа, а сигурен сум дека не би било лага ако кажам дека и многу повеќе! И не само кон неа, туку кон сите кои се дел од мафијата. Можеби е добро сите да поднесеме тужби, м? 😉 “, пишува доскорешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Игор Јанушев, на Фејсбук, по вчерашното подготвително рочиште за тужбата на шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против ВМРО-ДПМНЕ, за тоа што ја злоупотребиле во политичките спотови во предизборната кампања.

Според Јанушев, тоа што главната обвинителка чувствува страв и лутина кон ВМРО-ДПМНЕ, значи дека „сериозно е доведена во прашање нејзината објективност во работењето, што пак е основен принцип на работа за еден обвинител“.

„ … И кога говори за нејзините чувства, нека се запраша за чувствата на оние мајки, сестри, родители чии чеда неправедно ги гони и се под политички прогон. Паричката има две страни, нели обвинителке?“, додава Јанушев во постот.

Русковска ги тужи партијата ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „За обнова на Македонија“, Јанушев (како овластен претставник на партијата) и Христијан Мицкоски (како лидер на партијата), и од нив бара 10.000 евра оштета, за која најави дека ќе ги донира во хуманитарни цели. Русковска тужбата ја најави уште во текот на предизборната кампања, кога до ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата испрати опомена и побара од нив да го повлечат спотот насловен „Криминална вистина“, но и  да ѝ се извинат толку пати колку што бил прегледан (во моментот кога 365.com.mk ја објави таа вест, спотот само на YouTube имаше над 11 илјади прегледи).

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Како што се вели во вештачењето што Русковска го приложила заедно со тужбата, двата телевизиски спота (вториот е „Штанд на лагите“) кај обвинителката предизвикале загриженост, анксиозност и душевна болка. Нејзиниот адвокат истакна дека во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ немало конкретна критика за нејзиното работење, туку дека едноставно и неосновано била бележана дека функцијата не ја извршува законски. Тој додаде и дека Русковска работи повеќе од две децении без ниту една забелешка од надлежните органи, како Советот на јавни обвинители.

Според ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека спотовите претставуваат критика, ако Русковска тврди дека се клевета, ќе мора тоа и да го докаже. Според нивниот адвокат, пак, тужбеното барање на обвинителката е неосновано:

„Морам да потенцирам две работи кои што се битни за нас. Првата работа поради која што цениме дека тужбеното барање во целост е неосновано, е заштитата на членот 10 од Европската Конвенција за човекови права, слободи и права, односно потребата од почитување на правото за слободно изразување на мислата. Особено на критичката мисла која што е насочена кон работењето на државните органи и на власта во Република Македонија. Се поставува прашање: Што е побитно? Дали јавниот интерес, дали потребата граѓаните да бидат информирани, потребата на граѓаните на Република Македонија да можат да постават одредени прашања во саркастични и провокативна форма?

И воедно заштитата на членот 10, или заштитата на приватната репутација на еден јавен функционер која што патем е платена од пари на граѓаните на Република Македонија, извршувајќи ја функцијата како што ја извршува обвинителката за организиран криминал“, изјави адвокатот по рочиштето.

- Реклама -