Јанушев за „бомбите“: Немам направено буквално ништо противзаконски

Не е случајно што токму тој е одбран „да му го црнат името и да се обидат да му влијаат на достоинството и честа“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Игор Јанушев, на дебата во „Отворено студио“ на „ТВ24“, прашан за „бомбите“ кои деновиве беа објавени, а во кои (наводно) се слушаат разговори меѓу него и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Како што вели Јанушев, причината што тој е мета е што  во изборната единица 3, кадешто е носител на листа, на СДСМ ќе им се случи тотален потоп и најголемата победа, како што рече, ќе дојде токму од верниот исток.

„Тоа го гледам единствено како еден очајнички, губитнички обид, обид на големи губитници, да се обидат барем нешто да спасат, но не гледам дека тоа поминува кај граѓаните“, истакна Јанушев.

Прашан за автентичноста на разговорите, рече дека нема потреба ниту да потврди, ниту да одрече било што, бидејќи и не знае кој го обвинува, притоа критикувајќи го неговиот отсутен во студиото ривал во ИЕ3 – Љупчо Николовски, дека побегнал од дебата и дека инаку ќе можеле да си кажат што имаат да си кажат. Јанушев рече и дека нема да поднесува кривични пријави за објавените снимки, бидејќи, како што истакна, празното столче на опонентот доволно зборува.

На инсистирање на водителката Душица Мрѓа за содржината на „бомбите“, Јанушев ги нарече снимките евтин трик кој не поминува кај граѓаните и притоа додаде:

„Она што вие сакате да го наметнете како тема беше предмет на истражување уште кога започна она рекетарско, криминално СЈО – еве до ден денеска нема ниту истрага, ниту обвинение. И повторно ќе кажам, ако сум сторил било каков криминал, сега нема да седам овде и да дебатирам со вас. Сѐ она што сум работел, сѐ она што сум правел во животот било согласно закон, немам буквално ништо направено противзаконски“, рече, уште еднаш повторувајќи дека објавените разговори се очајнички обид за негова дискредитација.

- Реклама -