“Јас, личностa” – минималистички дела во слава на индивидуалноста

Водејќи се од максимата дека сите можеме да бидеме подобри луѓе и да не дозволиме да се изгубиме во денешниот хаос предизвикан од материјалните добра, Горан Костовски – Индог, ја создаде колекцијата I, The Person (“Јас, личноста”), што од утревечер (29.06.2012) ќе биде изложена во Отвореното графичко студио во Музејот на Град Скопје.

Почнувајќи од 21 часот, присутните ќе имаат можност да ги видат 20 дигитални графики што се експресија на сите запишани доживувања на Костовски, а кои се претставени преку минималистички решенија.

„Преку I, The Person се сублимирани дневни ситуации водени како еден вид дневник од кои што извадив поука за самиот себеси и некои мои размислувања со кои сум се соочил во текот на деновите, месеците, но и годините. Размислувајки за иднината, минатото и за сегашноста, навистина сакам да бидам личноста која што сум. Не сакам да се приспособувам на нечии туѓи приоритети што воопшто не се ни однесуваат на мене, на околината и на подобрување на светот воопшто“ – вели авторот.

Горан Костовски – Индог

Дваесетте дела на Костовски најдобро ја комуницираат својата порака кога се восприемаат како целина, но функционираат и засебно. Причина за тоа е нивната неочигледна, потсвесна и силна врска со постерот како форма на израз, но и со искуството на творецот во светот на адвертајзингот. Атанас Ботев, потписник на кураторскиот текст за изложбата, за оваа конекција вели:

„Постерите на Горан Костовски се изложени во галерија и добри се од повеќе аспекти – не се претенциозни, направени се за да ги задоволат неговите лични, интимистички потреби и токму тука престанува нивната врска со адвертајзингот при што навлегуваат во доменот на “чистата” уметност. Овие постери или дигитални графики (разграничувањето на медиумите е сосема ирелевантно) се плод на долгогодишното искуство во доменот на графичкиот дизајн во чии рамки има остварено завидни резултати и покрај притисоците на безобразните и неедуцирани клиенти.“

Прочитајте и:  Изложба на фотографии од личната колекција на царското семејство Романови

Ботев нагласува дека новите дела на Костовски се ослободени од комерцијалните стеги и компромиси и во нив авторот го имплементирал својот ликовен сензибилитет и културен багаж акумулиран со години. Според познатиот македонски уметник, Костовски во “Јас, личноста” медитира за секојдневните нешта (персоналност, екологија, однос кон работата и професионализмот, дихотомијата дигитално-аналогно).

„Делата се графички крајно симплифицирани но да се биде или да се стане едноставен не е воопшто лесно. Едноставноста е процес на постојана редукција, кондензација, дестилација; редукција на значења и концентрација на есенцијалното­“ – истакнува Ботев.

Индивидуалноста игра голема улога во збирката што Костовски од утре ќе ја изложува во Отвореното графичко студио. Како што подвлекува авторот, гневот, омразата и фрустрациите се сосема непотребни особини на сите нас.

„За секој човек да биде подобар и посебен секогаш треба да отскокнува од општоприфатените стереотипи, секогаш треба да внимава и да ја негува сопствената индивидуалност и да се труди што повеќе да ужива во она што го интересира и забавува“ – појаснува авторот.

Атанас Ботев истакнува дека иконографски, постерите што се дел од “Јас, личноста” носат печат на јапонската графика, супрематизмот, минимализмот, поп-артот, стрит-артот иако според него, стилската категоризација е ирелевантна компонента. Тој вели:

„Настојувањата на Костовски да ја редефинира улогата на постерот како и неможноста да се направи јасна категоризација на неговите дела го потврдуваат правилото дека повеќе не постои ригидна медиумска и стилска differentia specifica и дека постојат само два вида на уметност, добра и лоша“ – завршува Ботев.

- Реклама -