Јавна расправа на Уставен: Апасиев обвинува за политичка дискриминација, Џафери тврди дека станува збор само за пропуштен рок

Во Уставниот суд денеска се одржа јавна расправа по однос на барањето на лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, за дискриминација по основ политичка припадност од поранешниот спикер, Талат Џафери. Апасиев тврди дека Џафери постапил мериторно со одбивањето на барањето за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум, додека, Џафери возвраќа дека одбивањето е само поради пропуштен рок за одговор за дополнување на барањето од Апасиев.

На денешната расправа на која покрај Апасиев и Џафери, беше присутна и експертска јавност и медиуми, се дискутираше околу нивните аргументи и спорните делови од случајот.

Апасиев образложи кои одредби од Собранието се применуваат и кои биле применети, со што посочи дека се применети погрешни членови од Деловникот на Собранието.

– Во овој конкретен случај јас не постапувам во позиција на пратеник, јас постапувам како граѓанин. Спикерот во известувањето има мериторно оценување за кое нема никакви ингеренции дека прашањето не е соодветно, посочи Апасиев.

Дополни дека смета оти тоа има политички мотив, како што рече, да не стигне до пленарна седница поради тенденцијата на политичка мобилизација.

Поранешниот спикер, Талат Џафери, не се согласи со наведеното и посочи дека постапувал согласно Деловникот, при што потенцираше дека Апасиев задоцнил со исправката на барањето.

–  Согласно Деловникот на Собранието еден од надлежностите на претседателот на собранието е да ја утврдува уредноста на поднесена иницијатива. Врз основа на ова соодветно му укажав на подносителот дека треба да се усогласи и да се прати во рок од 15 дена од барањето на Собранието, а не од приемот на известувањето, рече Џафери.

Дополни дека не смета дека е политичка дискриминација, бидејќи, како што рече, Апасиев го поднел барањето во својство на граѓанин.

Одговарајќи на прашањата поставени од уставните судии, Апасиев образложи дека актот за кој Џафери тврди дека му бил доставен на биро, не му бил доставен и оти го испочитувал рокот кој што е уреден со Закон за општа управна постапака.

– На седми го поднесувам предлогот, на 8-ми кажува дека е неуредна. Пет дена подоцна ми ја враќа. Никогаш овој акт не ми е доставен на биро, овој акт го имам примено на 28, тој го доставува на 13. Закон за општа управна постапка го уредува рокот на достава, рече тој.

Дополни дека смета дека одлуката на поранешниот спикер е мериторна бидејќи и покрај тоа што Џафери алудира дека причината за одбивање е пропуштениот рокот, тој во известувањето посочува на содржината на барањето.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Потенцираше дека, и да утврдил дека е неуредна, прашањето, согласно законот, се става на дневен ред на следната седница, но не подоцна од 15 дена.

Џафери се држеше на ставот дека деловникот предвидува рок од 15 дена од барањето, а не од приемот. Тој нагласи дека намерата не била дискриминација.

– Суштината е дека совеста ми е чиста пред себе, пред сите, пред јавноста, пред Господ. Ни под разно намерата не е дискриминација. Во крајна инстанца да било политичка сила што би довело во прашање работа во собранието, тоа е друга работа, рече тој.

Во своите одговори, тој во неколку наврати го постави прашањето зошто Апасиев не го доставил барањето во својство на пратеник и укажа на две различни одлуки на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација во кои во едната е утврдена дискриминација врз Апасиев, додека, во другата не.

– Да сум имал таква нетрпеливсот да го дискриминирам, зошто би го викал во кабинет. КСЗД има две одлуки, едната е дека сум дискриминал, другата не, рече тој.

Џафери потенцираше дека ги спроведувал работите онака како што се пропишани со Деловникот.

Станува збор за Предлог-Барање за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум кој требало да овозможи понатамошно непречено собирање на уставно предвидените 150.000 граѓански потписи за распишување референдум со прашањето „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските Заклучоци бр. 08-3238/1 од 16 јули 2022 rодина?

Барањето до претседателот на Собранието Димитар Апасиев го поднел на 7 октомври 2022 година, во својство на физичко лице – овластен предлагач.

Тој смета дека е дискриминиран по основ на политичка припадност како пратеник и наведува дека претседателот на Собранието не постапил согласно Законот за референдум, за предлог-барањето на Апасиев одлучил сам, наместо да го предаде на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело заради давање мислење за уредноста на иницијативата.

Апасиев смета дека со тоа што претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски тела, ја злоупотребил својата службена положба и овластување и на тој начин го спречил подносителот да го оствари уставно заштитеното право на политичко дејстување.

Уставниот суд, согласно Актот, ќе продолжи со работа по предметот.

- Реклама -