Јавниот градски превоз во Скопје колабира – нема гориво за автобусите

Претседателот на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“, Африм Муча, во изјава за МИА, вели дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во текот на денешниот ден не им се достави гориво

Од Град Скопје преку писмено соопштија прстот за настаната криза со доставувањето на нафта го вперија во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека станува збор за креирана криза

Попладнево во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво, велат од синдикатите при јавното претпријатие.  

Автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Оттаму велат дека ситуацијата со јавниот градски превоз е алармантна, а Град Скопје преку писмено соопштение одговорноста за кризата ја префрла на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „станува збор за смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“. 

Претседателот на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“, Африм Муча во изјава за МИА вели дека ссотојбата е многу сериозна, бидејќи, како што рече, 70 проценти од автобусите се паркинари.  

Одговорот за ваквата ситуација, вели тој, е едноставен – нема нафта.   

„Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП ‘Скопје’, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“,

вели Муча. 

Тој најавува дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во текот на денешниот ден не им се достави гориво.  

Дека нема дистрибуција на нафта од „Пуцко Петрол“ за градските автобуси поради голем долг потврди и Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП при Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). 

Причината за тоа, вели тој во изјава за МИА, е е меѓусебниот однос меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје,Трајко Славески и Советот на Град Скопје и одлуките кои ги носат.  

„Имаше најава од Град Скопје дека ќе се нормализира дотурот на нафта за ЈСП, но тоа не се случува. Проблеми со нафта има и ЈП „Комунална хигиена“ Скопје поради што само дел од камионите собираат смет. Затоа сите синдикати на јавните градски претпријатија планираме од понеделник да одржиме заеднички состанок на кој ќе одлучиме какви мерки ќе преземеме“,

вели Стојановски.  

Од Град Скопје преку писмено соопштија прстот за настаната криза со доставувањето на нафта го вперија во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека станува збор за креирана криза.  

„Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат“,

се наведува во соопштението од Град Скопје. 

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Оттаму велат дека од моментот кога премиерот Христијан Мицкоски „отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за скопјани, отпочна и голготата на претпријатието. 

„Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“,  

додаваат од Градот.

Приватните автобуски превозници во Скопје „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“ денеска преку соопштение апелираа до надлежните за свикување проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот превоз во главниот град. 

Оттаму посочуваат оти располагаат со 200 автобуси кои не се максимално искористени, а со кои може да се пополни недостатокот на автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“. На дневно ниво, како што велат оттаму, во Скопје недостасуваат од 160 до 200 автобуси. 

Деновиве градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите на протест в петок (22 ноември) затоа што немаат редовни автобуски линии. 

Проблеми со јавниот градски превоз во главниот град има подолго време. На улиците има помалку автобуси од потребниот број за да се опслужат граѓаните, кои се жалат дека услугата што ја добиваат е многу лоша, бидејќи возилата често доцнат, се расипуваат и се создава голем метеж во нив.  

Во меѓувреме, во Советот на Град Скопје, не може да се изгласа проектот за купување еко-автобуси на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која за ова ги обвинува советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои се мнозинство во Советот.  

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но патиштата им се разидоа уште во првата година од нејзиниот мандат поради несогласување за пречистителната станица. Сега таа и партијата  меѓусебно се обвинуваат околу тоа кој ги кочи проектите за нормализирање на јавниот превоз во главниот град.

- Реклама -