Јорданов: „Има таков народ“ нема да дозволи тргање на ветото за Северна Македонија до крајот на француското претседателство

Претседателот на пратеничката група на „Има таков народ“ во бугарското Народно собрание – Тошко Јорданов, за Бугарското национално радио (БНР) изјави дека неговата партија нема да дозволи тргање на ветото за Македонија до крајот на француското претседателство со Европската унија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јорданов имал средби со европратеници и еврокомесари и присуствувал на коалициски совети и има директни информации за тоа што се разговарало на нив.

Според него, нештата во коалицискиот договор во поглед на „Северна Македонија“ се јасни, а Има таков народ, како што рекол, секогаш го почитувале овој договор и секогаш го одржувале зборот.

Рано е, смета Јорданов, да се каже дали владејачката коалиција во Бугарија ќе издржи до крајот на годинава. Тој е категоричен дека министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска, која е од редовите на ИТН, ја следи официјалната политика, за разлика од премиерот Кирил Петков кој се обидува да протурка поинаква политика на оваа тема.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Како што посочува дописникот на МИА од Софија, партијата на ТВ водителот Слави Трифонов последниве денови ја напаѓа најголемата партија во владејачката коалиција „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков, откако нивниот кандидат за гувернер на Бугарската народна банка не беше избран. Трифонов, имено, сака да се преиспитаат некои од клаузулите од коалицискиот договор. Нивниот кандидат, Љубомир Каримански, не ја доби поддршката од ниту една од другите три преостанати партии во коалицијата.

- Реклама -