Јурова: Путин треба да е прв на листата за санкции

Рускиот претседател Владимир Путин треба да биде опфатен со санкциите против Русија. Погрешно би било, доколку тој е изоставен, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија (ЕК) – Вера Јурова.

„Владимир Путин треба да биде прв на листата за санкции“, појасни Јурова, која е и еврокомесар за вредности и транспарентност, за чешкиот весник „Хосподарске новине“.

Според неа, секогаш се поставува прашањето дали е тоа дипломатска вештина или покажување слабост.

„Јас тоа го гледам како ова второто“, се наведува во изјавата за чешкиот весник, околу тоа како Путин бил изоставен од санкциите, договорени од министрите за надворешни работи на Европската унија.

Британски „Гардијан“, пак, повикувајќи се на извори од врвот во ЕУ, веќе објави конкретни имиња кои ќе бидат мета на санкциите на ЕУ. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, врховен командант на руските воздухопловни сили и Црноморската флота, водечки државни „пропагандисти“, како и 351 член на Думата се очекува да се најдат на листата.

Мерките, кои мора да бидат потпишани од министрите за надворешни работи на ЕУ, ќе ги надминат оние што ги најавија САД и се значително подалеку од санкциите на Борис Џонсон.

ЕУ ќе воведе замрзнување имот и забрана за патување за 23 лица, три банки и злогласната интернет „фабрика за тролови“ во Санкт Петербург, како одговор на одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае самопрогласените републики Доњецк и Луганск како независни држави. Исто така, се очекува Унијата да санкционира 351 пратеник на руската Државна дума кои гласаа за признавање на двете територии.

„Се чини дека сите се подготвени да усвојат санкции“, изјавил висок дипломат на ЕУ за Гардијан. Лидерите на Унијата имаат неколку часа да испратат коментари, а министрите се очекува попладнево да ги одобрат санкциите.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Шојгу е на врвот на листата на санкции, бидејќи тој е „во крајна линија одговорен за воената акција против Украина“, според нацрт-листата во која Гардијан имал увид. Нему му се придружуваат Антон Ваино, шефот на кабинетот на Путин, кој „игра активна улога во одлучувањето“, како и Игор Осипов, врховен командант на Црноморската флота и Сергеј Суровикин, врховен командант на руските воздушни и вселенски сили.

Меѓу другите високи функционери се вицепремиерот и претседател на државната банка ВТБ – Дмитриј Григоренко, и Игор Шувалов – претседател на Руската државна развојна банка ВЕБ, која игра важна улога во финансирањето на одбранбениот сектор.

ЕУ „удира“ и врз руските „пропагандисти“, вклучително и портпаролката на Министерството за надворешни работи – Марија Захаров, и шефицата на каналот РТ – Маргарита Симонјан, и двете познати по нивната остра антизападна реторика. На списокот е и Владимир Соловјов, про-Кремљ водител на каналот „Русија уан“.

Други значајни личности се Евгениј Пригожин, познат како готвачот на Путин. Пригожин е финансиран од Агенцијата за истражување на Интернет (ИРА), која исто така е додадена на листата на санкции на ЕУ.

Со седиште во Санкт Петербург, ИРА е попозната како „фабрика за тролови“, каде што блогерите работат дење и ноќе за да го преплават глобалниот интернет со про-Путин и антизападни ставови.

Санкционирана е и Банката на Русија, за која претставниците на ЕУ веруваат дека е лична банка на Путин и на многу негови функционери

- Реклама -