Кабинет на Сиљановска-Давкова: Ќе побараме објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во кабинетот на Радев

Отсуството на државното знаме на земјава на вчерашната средба во Софија на претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев предизвика реакции во јавноста

Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во кабинетот на претседателот на Бугарија, Румен Радев. Како што информираат оттаму, по повод посетата на претседателката на Софија, била договорена тет-а-тет средба со бугарскиот претседател, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на македонската Национална опера и балет.

Средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот колега Румен Радев во Софија, Фото: Кабинет на претседателката

„Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“,

соопштија од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.

Отсуството на државното знаме на земјава на вчерашната средба во Софија на претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев предизвика реакции во јавноста.

Од опозицискиот СДСМ оценија дека македонската делегација на чело со Сиљановска-Давкова доживеала дипломатски дебакл во Софија.

„Гордата Гордана се согласила на средба без да се истакне македонското знаме, избра да праќа соопштенија до јавноста без користење на државното уставно име, се согласила на средба без заеднички изјави за медиумите. Ова е огромен срам“,

изјави портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

Се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој нагласи дека претседателката „го погази и понижи достоинството на македонската држава при посетата на Бугарија“.

„Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување“,

реагираше Филипче.

https://360stepeni.mk/pretsedatelkata-silanovska-davkova-go-pogazi-i-ponizhi-dostoinstvoto-na-makedonskata-drzhava-pri-posetata-na-bugarija-veli-filipche/

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер присуствуваше на настапот на Националната опера и балет (НОБ) во главниот град на соседна Бугарија, Софија. Во Софиската опера и балет, македонската Национална опера и балет ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди, со што беше отворена оперската сезона во Софија. На настанот, покрај претседателката, присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Претходно, Сиљановска-Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, по која изјави дека двете земји ќе трагаат по заедничко решение без никој да се чувствува навреден, и додаде дека со Радев се согласиле и нашата земја да ги добие „научените бугарски лекции“ за да не ги повторува истите грешки во евроинтегративниот процес.

Од кабинетот на Радев, пак, соопштија дека Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија.

Радев очекува искажаната желба на Сиљановска-Давкова за дијалог и разбирање да стане конзистентна политика на македонската Влада

- Реклама -