Качински: На Полска добро би ѝ дошло нуклеарно оружје

Лидерот на владејачките полски конзервативци, Јарослав Качински, денеска во Мишков изјави дека Полска ќе има корист од нуклеарното оружје, но дека тоа во моментов не е можно.

„Сакаме да имаме силна армија од сите аспекти, освен што не планираме да имаме нуклеарно оружје, бидејќи тоа во моментов е невозможно, иако би било корисно за нас“, рече Качински на средбата со жителите на Мишков, во југозападна Полска.

Тој информираше за обидот на официјална Варшава да ја искористи војната во Украина и заканата на Русија за да ја вооружи Полска со нуклеарно оружје барем преку американската програма за нуклеарно споделување, во која пет земји во Европа имаат нуклеарно оружје стационирано во нивните бази и можат да го користат по одобрение од САД, како што изјави на 5 октомври полскиот претседател Анджеј Дуда.

„Проблемот е пред сè што немаме нуклеарно оружје. Ништо не укажува дека Полска би можела да го има во блиска иднина. Секогаш постои потенцијална можност за учество во Програмата за нуклеарно споделување. Разговаравме со американските лидери дали САД размислуваат за таква можност. Темата е отворена“, рече Дуда во интервју за неделникот Газета Полска.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

Претседателот Дуда и неговото тврдење за разговорите меѓу Варшава и Вашингтон веднаш беа демантирани од Пентагон и американската администрација.

„САД не планираат да распоредат нуклеарно оружје на територијата на членките на НАТО кои се приклучија на Алијансата по 1997 година“, изјави портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател.

Лидерот на полската опозиција, долгогодишен поранешен премиер, а потоа и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, ги коментираше напорите на актуелната влада да дојде до нуклеарно оружје, предупредувајќи дека не знае дали тогаш Русите треба да се плашат, но Полјаците секако треба.

„Влада со толку лоши квалификации, такви глупости, кога таа би имала и нуклеарно оружје, не знам дали Русите би се исплашиле, но ние (Полјаците) навистина би морале да се плашиме. Додека овие политички чудовишта владеат со нашите животи, избирам да немаме на располагање атомско оружје“, одговори Туск.

МИА

- Реклама -