Каевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат заклучоците за предлог-преговарачката рамка

Каевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат заклучоците за предлог-преговарачката рамка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да повика дел од пратениците на неговата партија да престанат да прават блокади и опструкции и да не одработуваат за туѓи центри и држави, кои не ѝ мислат добро на оваа земја, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, коментирајќи го повикот на опозицискиот лидер до пратениците од Социјалдемократскиот сојуз да го одбијат францускиот предлог.

Каевски ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат на седницата на Собранието на која ќе се расправа по Информацијата за содржината на предлог-преговарачка рамка доставена од Владата до законодавниот дом.

„Да дојдат на пленарната седница, да дискутираме и да ги соочиме аргументите и на крајот да донесеме заклучоци, со кои ќе ја обврземе Владата, оваа и секоја наредна, во делот на спроведување на процесот да се зачува чистиот македонски јазик, македонскиот идентитет и посебноста со сите историски, образовни и културни карактеристики и истите да не бидат дел од преговарачката рамка, како што е сега“, нагласи Каевски.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Тој истакна дека очекува дел од пратениците од опозицијата, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ, да ги поддржат овие заклучоци.

„Многу често ги слушаме дека влегувањето на државата во ЕУ е потребно со зачуван македонски јазик, идентитет и посебноста на македонскиот народ во делот на историските и културните карактеристики надвор од преговарачката рамка“, порача Каевски.

Прашан дали СДСМ е подготвен да „седне на заедничка маса со опозицијата“ за усогласување на заклучоците за францускиот предлог и што од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо за владејачката партија, Каевски истакна дека секогаш се отворени за разговор и дискусија со „опозицијата и сите политички партии кои се дел од Парламентот“.

„Да разговараме за делот на одобрување и текстот на заклучоците сѐ со цел да ги донесеме, со што дополнително ќе ја обврземе Владата да ги зачува црвените линии и да биде во линија со Декларацијата донесена во Собранието, а тоа се зачувувањето на македонскиот јазик, без фусноти, додавки, како и на македонскиот идентитет и посебноста на државата“, додаде Каевски.

- Реклама -