Како астронаутите шверцуваа алкохол во вселената

Уште од самите почетоци на вселенските летови, астронаутите се обидуваа со себе да понесат и нешто појако од вода и другите уредно спакувани течности.

Така, и Баз Олдрин се причести за време на првиот лет на Месечината. Покрај осветен леб, понесе и испи и чаша вино, што и самиот го потврдува.

Следната деценија, НАСА веќе планираше на астронаутите да им праќа шери, за полесно да го поднесат вкусот на лошата храна. Се работи за пијачка која е постабилна од виното и беше на пат да биде испратена во вселената, но кога командантот на Skylab 4 – Гери Кар, го спомена тоа на едно предавање, тоа предизвика бура во јавноста.

Така, шерито остана на Земјата. Оттогаш за астронаутите почна да важи официјална забрана за криумчарење и конзумирање на алкохол во вселената.

Од друга страна, Русите со децении имаа нешто послободна политика околу вселенскиот алкохол, па астронаутите често криеја алкохол во разни ќошиња на вселенските станици/летала.

На пример, кога космонаут во 1971 година славеше роденден на орбиталната станица Салут 7, механичарите му пратија шише ерменски коњак, скриено во уредот за мерење притисок.

Друг пат, космонаутите имале детално разработени планови за достава на нешто жестоко во вселената; планови кои стојат рамо до рамо со тие на средношколци што одат на матурска екскурзија. Игор Волк во 1984-тата, на пример, пред летот со Сојуз купил шише коњак и тегла кисели краставички. Тој подоцна раскажа дека тој и колегата Владимир Џанибеков недела дена пред летот се самоподложиле на строга диета. Јаделе само леб, пиеле само чај и изгубиле речиси два килограма. Зошто? За да го распоредат алкохолот и краставичките во кеси кои ги намотале околу телата.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

Георгиј Гречко, кој во вселената помина 134 дена, подоцна откри дека астронаутите чувале алкохол во оделата кои се користеле за вежбање. Наместо напитоци за подигнување на мускулниот тонус, во тубите имало коњак, пишува Russia Beyond The Headlines.

Друг пример е космонаутот Валериј Рјумин, кој пред својата мисија купил 12 шишиња ерменски коњак, распоредени во пластични кеси, иако знаел дека ќе биде проблем да ги помине бројните контроли со толкав товар. Сепак, додека ја надгледувал изградбата на орбиталната станица во погоните, му се укажала единствена прилика, која, нема потреба да нагласиме, Рјумин без двоумење ја искористил. На неколку скриени места, распоредил вкупно шест литри коњак.

„Мала голтка коњак, околу 20 грама, за астронаутите во текот на мисиите беше вистински еликсир, кој ја ублажуваше напнатоста и ги опушташе пред спиење“, раскажа Рјумин подоцна.

- Реклама -