Како да го најдеш и убиеш тој најупорниот комарец во собата

Комарците не се тоа што беа порано. Последниве години како добар дел од нив да имаат завршено факултет за криење и преживување; веќе не стојат среде бел ѕид да можеш на поминување да ги утепаш. Не, сега се кријат во сенка, под маси, на завеси, на облека – секаде каде што не можеш да ги видиш, и чекаат да изгасиш светло и да те потаманат додека си осветлен само од мониторот или екранот на мобилниот. Ништо чудно што се случува и во декември да чуеш некој да ти зуи во соба (ова е потврдено од лично искуство, ама и од Твитер сведоштва).

А комарец во декември е зезнат комарец. Он ти е како снајперист во џунгла: има голем број потврдени каснувања, многу искуство, и усовршена вештина на криење. Што значи дека е време за драстични мерки, како тоа да тргнеш во Search and Destroy мисија; инаку ќе одиш ненаспан/а на работа зашто цела вечер ти зуел на увце.

Од сите стратегии по интернетов, две се издвојуваат како најефикасни.

МЕТОД 1: Лов со рачна батерија

Изгаси го светлото во собата и земи рачна батерија. Запали некој слаб извор на светлина – лампа, телефон, таблет. Батеријата нека ти биде изгасена.

Пребарувај ја собата бавно и внимателно. Следи го зуењето. По некоја минута, комарецот најверојатно ќе полета кон слабата светлина и ќе застане на блискиот ѕид. Тогаш светни со батеријата и почни да бараш, но така што ќе ја држиш залепена и паралелна со ѕидот.

Кога конечно ќе го осветлиш комарецот, неговата издолжена сенка (поради аголот на светлината од батеријата) на ѕидот ќе ти помогне лесно да ја откриеш неговата позиција. Се разбира, сплескај го со нешто онака крвнички и остави ја флеката таму на ѕидот (најдобро е ако е тазе кречен) за да служи како пример за другите.

МЕТОД 2: Технолошка стапица

Овој е за кога веќе си легнал во кревет и не ти се станува. Ќе ти треба таблет или телефон.

Значи, лежиш во кревет на грб и го ставаш телефонот/таблетот на стомакот. Екранот треба да зрачи нагоре, нормално, и да биде наместен на најсилна светлина (максимум „brightness“).

Ако постелнината ти е со светла или бела боја, свиткај ги колената нагоре за чаршафот да биде видлив додека гледаш право напред и во секој момент. Со тоа и комарецот ќе биде полесен за детектирање.

Е сега, земај длабоки здивови и издишувај во насока на таблетот/телефонот. Јаглеродниот диоксид, заедно со светлината од екранот, ќе го привлечат комарецот (Прочитајте како ловат и што ги привлекува комарците ТУКА).

И сега, чекаш. Сега ти си снајперистот. Комарецот кај и да е ќе тргне накај тебе, дури може и да слета на екранот. Смачкај го копилето. Избриши го екранот со некакво парче ткаенина што ја имаш при рака. Па дремни. Па оди на работа/факултет/часови…

- Реклама -