Како да го одбиете шефот кога притиска да работите кога имате слободен ден

Сметките мораат да бидат платени, а мора и да се јаде, а кога платата ви е насушно потребна за да сврзете крај со крај, често шефовите знаат тоа да го злоупотребат и да влијаат врз вашите работни одлуки. Не е реткост, на пример, вработените што работат во смени да треба да покријат отсуство на некој од колегите. Иако е вистина дека некогаш колегите имаат итни случаи и треба да се биде колегијален, исто така вистина е и дека најчесто вашата помош нема да биде третирана како помош, туку како нешто што постојано треба да се очекува од вас. Корисник на Tumblr, кој очигледно знае по нешто на темава, решил да сподели мал совет кој ќе ве потсети дека и покрај тоа што сме дел од работната сила, пред сé сме луѓе и треба да имаме свои граници.

„Ако сте помлади од мене и штотуку влегувате во работната сила, би сакал да ви кажам за една важна фраза:

Нема да бидам во можност.

Замислете дека сте на работа и шефот ве прашува да дојдете во сабота. Сабота обично ви е слободен ден – доаѓање во сабота не е меѓу договорените обврски кои ги имате за да ја задржите работата. Можеби сте планирале да гледате филм со пријател или можеби едноставно планирате да лежите во кревет и јадете сладолед цели осум часа. Што и да е, вие навистина, навистина не сакате да се откажете од слободниот ден. Веројатно сте воспитани да верувате дека недоаѓањето на работа треба некако да го оправдате. Ако сте од помладите генерации, веројатно ги добивате истите лекции како и ние. Па, во ситуација како оваа, вие можеби имате тенденција да реагирате на еден од овие начини:

1. Да му кажете на шефот дека не ви е по желба да се откажете од слободниот ден. Потоа да попуштите кога ќе ве притисне да дојдете без оглед, бидејќи и онака не правите ништо важно
2. Да му кажете на шефот дека порадо не би се откажале од слободниот дел. Потоа да претерате со извинување и да сте загрижени дека сте изгледале и звучеле лошо и непрофесионално
3. Да излажете и да речете дека имате преглед на доктор или некоја друга активност што звучи како адекватно оправдување за тоа што нема да работите…

Реалноста, меѓутоа, е дека на вашиот шеф ништо не му значи дали имате операција на срце или гледате серија излежувајќи се по долна облека на денот кога сакал да бидете на работа. Единственото што го интересира е фактот дека нема да сте на работа. Затоа, објаснувајќи ‘зошто’ нема да дојдете на работа, само дополнително му давате причина да се обиде и да ве притисне да дојдете без оглед што не сакате.

Ако речете Нема да бидам во можност, недавајќи дополнителни информации, ќе бидете изненадени колку често тоа е доволно. Бидете учтиви и покажете симпатија во тонот, можеби дури и речете Жалам, ама нема да бидам во можност. Но не се правдајте. Ако вашиот шеф е професионална личност, ќе го прифатат вашето ‘не’ и ќе се обидат да најдат некој друг/друго решение.

Но шефовите не се секогаш професионални. Некогаш се мали тирани. Па, што ако ве притискаат и понатаму? Одговорот е: со истата учтивост и симпатија не давајте повеќе информации.

Шефот: Сигурен/а си дека нема да си во можност?
– Жалам, но да, сигурен/а сум.

Шефот: Зошто нема да си во можност?
– Имам претходно планирана обврска. (И всушност имате, дури и ако е кон вас самите).

Што е таа обврска?
– Жалам, но лично е.

Можеш ли да ја презакажеш/одложиш?
– Се плашам дека не. Можеби некој друг може да дојде место мене?

Ако не им дадете никаков материјал со кој ќе можат да ве убедуваат, шефовите обично не можат со сила да ве притиснат да направите нешто што не ви е во обврските како вработен. А кога ќе го сфатат тоа, тие исто така ќе сфатат дека мораат да најдат некој друг/друго решение и да ве остават на мира.“, пишува „thesnadger“.

Секако, овој совет речиси секому му е познат, а и голем дел од нормалниот свет редовно го применува. Сепак, нека служи како потсетник за оние кои малку полесно попуштаат, некогаш и реално наштетувајќи си себеси.

- Реклама -