Како да изгледаш супер-изнаработен во очите на колегите

Едно време луѓето копале во полето, граделе куќи, саделе дрва и пишувале книги. Со други зборови – ги гледале резултатите од својата работа црно на бело. Што си сеел, тоа ќе си жнеел.

Во денешно време луксуз е да ги видиш, камо ли да ги допреш плодовите на својот труд. Секој работи нешто на компјутер, божем проекти, чуда, и зема плата на крајот на месецот, но по 10 години малкумина можат да покажат што всушност создале со работата за сето тоа време поминато меѓу 4 ѕидови. Тоа не ве спречува да сте едноставни и задоволни од себе, се разбира.

Во случај сепак да не сте, бесмислената и јалова работа е една од причините да пиете чај за смирување и вотка во животот. Некогаш поединечно, некогаш заедно. Така де – на никој во светот не му е битно што телефонски сте исконтактирале со некој Индиец, ниту пак дека денес сте направиле стварно добра Ексел табела. Често, дури ни на шефот.

Сепак, човек има потреба да се чувствува зафатен, бидејќи зафатеноста подразбира дека си корисен. Има своја смисла. Ако работиш, има фајде од тебе.

Еве неколку идеи како да се преправате дека сте најкорисниот работник во канцеларијата и како да ги воодушевите колегите покрај принтерот.

Вербално нагласувајте дека сте многу зафатени и ангажирани

Скромноста не е за луѓе кои го заслужуваат туѓото признание и се качуваат по скалата на успехот. Користете ја секоја удобна можност да ги информирате тие околу вас колку всушност сте ангажирани.

Кога некој ќе ви постави прашање или нешто ќе ви побара, замолете го „ај за 5 минути, те молам“, со изговор дека правите нешто итно токму во тој момент. Ако некој излегува за кафе до преку улица, побарајте да ви донесе и на вас едно, со објаснување од типот на: „Леле, фала ти, срце си, денес е лудница, кафе не стигнав да се напијам“.

Однесувајте се нервозно како да брзате за некаде/нешто

Ако работата ви е пред компјутер, движењата ви се ограничени, но сепак имате простор да додадете неколку хинта дека напорно работите. Однесувајте се како од тоа што го правите во моментот да зависи иднината на планетата, или барем иднината на неколку социјално загрозени семејства.

Особено ако вашиот шеф е во собата. Собрани веѓи, концентрација, втренчен поглед во мониторот… Лесно цупкање со ногата… Може и понекоја тивка пцовка, демек ја преживувате тешката работа со толку голем напор што несвесно станувате и безобразни.

Испраќајте мејлови без причина

Знаете, преписката преку и-мејл е во основата на бизнис комуникацијата во корпоративната реалност. Не треба да имате конкретен повод за да испратите неколку брзи мејлови. Праќањето на пораки по електронска пошта го нагласува фактот дека работите и сте посветени на нештата.

Испратете му мејл на шефот, на пример, во кој му предлагате да организира вегански викенд во Крушево, во тим-билдинг цели. Впрочем, неважно. Каква и да е содржината, важно е да сте активни. Подобро така, отколку да играте Minesweeper или да го манијачите бившиот/ата на Фејсбук.

Шетајте наоколу со тефтер

Иако сме навлезени длабоко во дигиталната ера, едно е да се шетате со телефон или таблет, а друго е да правите обиколки со дебел тефтер под мишка. Второво дефинитивно ве издвојува од толпата и дополнително ве издигнува над останатиот работлив свет.

Модерниот уред сугерира дека скролате бесцелно, макар вие пишувале и сериозен академски труд со негова помош. Од друга страна, алатки како тефтерот или еден испринтан потсетник во џебот се непроценливо корисни во стремежот да изгледате како секојдневието да ви е полно со тешки обврски.

Не јадете и обидете се да изгледате ненаспани и измачени од животот 

Еден навистина измачен работник треба да изгледа на вистински измачен работник. Нека дрес-кодот – кошула со долги ракави, закопчана до врат, и кожените кондури среде август – не ви пречи на мрсната коса, на подочњаците под очите, и на демонстративното неправење пауза за ручек во име на работата.

Заморот и трудот што го вложувате треба да ви се јасно видливи на физиономијата. За дополнителен ефект, испијте неколку апчиња пред очите на другите, макар биле и витамин Ц. Паралелно, испратете го и следниот мејл во непознат вселенски правец, и потоа дремнете едно 5-10 минути, тука, на лице место, со главата бирото. На крај краева, Јапонците така спијат секој ден. А знаеме, Јапонците се едни од најработливите народи во светот…

Антонија Антонова

 

- Реклама -