Ако не сте од оние кои лесно учат странски јазици, заклучокот од истражувањево на научниците од универзитетите во Цирих и Фрајбург ќе ви дојде како порачано.
Во студијата објавена во Cеrebral Cortex Oxford Journal, 60 лица на кои мајчин јазик им бил германски, фатиле да учат холандски.
Испитаниците биле поделени во две групи, а истражувачите им пуштиле тивки аудио снимки од бараните зборови на холандски, со тоа што едната група во моментот спиела, а другата не.
Подоцна двете групи правеле тест. Погодувате која група била многу поуспешна?
Да, таа што слушала снимки во сон. Резултатите наведуваат на заклучокот дека слушањето на странски зборови во сон всушност го олеснува учењето.
Меѓутоа, Бјерн Раш – водечкиот автор на студијата, напомнува дека слушањето снимки на странски јазик додека спиете не е доволно за да го научите јазикот (како што мислевме дека е доволно да ја ставиме книгата под перница кога студиравме и ќе заглавевме на журка, а требало да се спремаме за испит следниот ден).
„Единствено успешно можете да ги активирате зборовите кои сте ги учеле и претходно, пред да одите на спиење. Слушањето на непознати зборови во сон нема никаков ефект“, објаснува Раш.
Научниците откриваат и дека најмногу се учи во првата половина на ноќта, во фазата на длабоко спиење без сонови, т.е. таканаречената NREM фаза. Тоа значи, генерално, дека ако легнувате во 11 навечер, најдобри резултати ќе постигнете ако слушате странски јазик во периодот од полноќ до 2 часот наутро.