Како да се справите со сопатниците што ве иритираат

Патувате на подолга дестинација, заглавени сте во исто место со истите луѓе повеќе часови и сосема е сигурно дека ќе се појави барем еден сопатник кој ќе ве иритира со некоја од своите навики. Наместо да се конфронтирате, прочитајте како да се справите со нив.

Расположени за разговор

Луѓе кои ниту ги знаете, ниту ги познавате, одлучуваат да разговараат со вас, а вие само сакате да спиете. Најдобра одбрана против овие сопатници е да кажете: „Колку сум изморен, едвај чекам да заспијам“ и потоа да започнете да ги игнорирате.

Луѓе што ‘рчат

Ако помисливте дека не ви е доволно тешко да заспиете во возило во движење, тогаш ви недостигаше уште некој да ви ‘рчи до увото. Сѐ што можете да направите во овој случај е да си го „прочистите грлото“ малку погласно или „случајно“ да тропнете на седиштето, во надеж дека тој ќе се разбуди. Често, луѓето коишто ‘рчат, по прекин на сонот, престануваат. Барем некое време.

Прегласна музика

Сакате да се одморите, да заспиете, а многу блиску до вас се слуша прегласната музика од нечии слушалки. Освен ако не планирате да го замолите да ја намали музиката, единствената опција што ви преостанува е да ставите свои слушалки и со музика по ваш избор да ја поништите вревата што доаѓа од блиското седиште.

„Миризлива“ храна

Сендвич со туна е одлична ужинка за во парк или на плажа, но не и за во автобус или во авион. Секогаш кога ќе забележите некој неочекуван мирис, а не сакате да ви се слоши, лапнете ментол бонбонче или гума за џвакање и со тоа ќе неутрализирате барем дел од мирисот.

Гласни деца

Кога некој од сопатници не може да ги смири своите деца, вам не ви останува ниту една друга опција, освен да ја неутрализирате вревата со музика или со тампони за уши. Во овој случај не помага ниту конфронтација, бидејќи не само што детето нема да се смири, туку можно е да го разлутите и родителот, па да добиете двојна врева над својата глава.

Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk

- Реклама -