Спасете го влажниот телефон со ориз и без паничење

Дали врз телефонот ви се истури вода, кафе или пак уште полошо, ви падна во тоалетна шолја? Дали можеби го заборавивте во џеб и влеговте во вода да пливате? Во многу ситуации ова значи дека ќе треба да го замените со нов, но ако брзо реагирате можеби и ќе го спасите.

Следете ги овие чекори и можеби вашиот телефон повторно ќе функционира нормално.

Извадете го телефонот од вода што е можно побрзо

Пластичните телефонски обвивки се доста цврсти, но имате само 20 секунди (или помалку) за да го спасите. Грабнете го и не го вклучувајте бидејќи тоа може да предизвика краток спој. Побрзо! 60 секунди е премногу Николас Кејџ!

Не паничете

Телефонот најверојатно нема да биде многу оштетен кога ќе го извадите од вода. Освен ако не го оставивте во машина за перење, за што повторно ќе треба да ги следите чекорите подолу.


Ако вашиот телефон паднал во море или океан, измијте го со обична вода затоа што кристалите на солта можат да се формираат во телефонот по остранување на батеријата. Ако веќе се формирале кристали, нежно удрете го телефонот. Вибрациите ќе ги одвојат кристалите и тие ќе отпаднат.

Ако врз телефонот ви се истурило кафе, сок и слично, следете ја истата процедура и измијте го со обична вода, освен ако тоа е мала количина која можете да ја исушите со сува крпа.

Отстранете ја батеријата

Ова е еден од најважните чекори. Не размислувајте премногу – вода и електрицитет не се мешаат! Прекинување на напојувањето на вашиот телефон е важен прв чекор. Многу од електрониката во телефонот ќе преживее кога е навлажнета, ако не е поврзана со батерија.

Отстранете ја СИМ картичката

Некои од вашите најважни контакти можат да се на телефонот. За некои луѓе, тоа е поважно и од телефонот. Веднаш извадете ја СИМ картичката и избришете ја со сува крпа.

Отстранете ги сите додатоци

Ако имате додатоци од типот бришач на екран, футроли, ковери и слично – извадете ги.

Исушете го телефонот

Дали кажавме нежно? Нежно исушете го телефонот со пешкир или хартиена крпа, без да ви падне или да го протресувате. Не навлегувајте со прстите помеѓу малите делови, за да не навлезе течноста внатре.

Користете правосмукалка ако имате при рака

Ако сакате да ја извадите течноста од внатрешните делови, пробајте со правосмукалка. Смукајте 20 минути, а ако раката ви се умори менувајте се со пријателот. Ова е најбрзиот начин да го спасите телефонот. Сепак, освен ако вашиот телефон не бил кратко во допир со вода, не препорачуваме сега да го вклучите. Не ја држете правосмукалката блиску до телефонот, затоа што тоа може да предизвика статички електрицитет, што е уште полошо.


Наспроти народните верувања, не е препорачливо да користите фен (па и ако е вклучен на ладно) за да го исушите телефонот. Користењето на фен може да ја втера течноста во најмалите делови, длабоко во телефонот. Дополнително, топлината на фенот може да ги оштети осетливите делови. Значи, без фен! И не го ставајте телефонот во микро-печка.

Ставете го телефонот во кутија со ориз

Оставете го телефонот во пластична кутија со неварен ориз. Битно е да нагласиме дека оризот не треба да биде варен, затоа што така ќе добиете смартфон рижото и уште повеќе влага. Неварениот ориз во овој случај ќе ја апсорбира преостанатата влага.


Сепак, има нешто што уште подобро впива влага од ориз: силика гел – тоа е она што го има во секоја кутија со патики. Побарајте низ домот, можеби уште ги чувате. Може и да направите микс од ориз и силика гел. Оставете го телефонот 24 часа во кутијата (од оние за складирање храна). Ротирајте го телефонот секои 2-3 часа, додека не заспиете.

Ставете го телефонот на сув пешкир

Откако ќе го извадите телефонот од кутијата, ставете го на сув пешкир или друг сличен материјал што апсорбира влага. Проверете го пешкирот после 6 часа. Ако има влага на него, повторете ја постапката со оризот.

Тестирајте го телефонот

Откако чекавте нешто повеќе од 24 часа, проверете дали сите делови во телефонот се чисти и суви. Ставете ја батеријата. Вклучете го.

Ако вашиот телефон сè уште не работи, вклучете го на полнач без батеријата. Ако проработи вака, тогаш ви треба нова батерија.

Ако и вака не проработи, однесете го кај овластениот сервисер. Тоа е, дадовте сè од себе. Не пробувајте да го скриете фактот дека телефонот бил навлажнет, затоа што постојат внатрешни индикатори кои покажуваат ако телефонот бил изложен на влага. Најверојатно и полесно ќе ви помогнат ако точно објасните што се случило.

Расклопете го телефонот ако воошто не се вклучува

Ако се чувстувате комотно, расклопете го телефонот, но внимавајте кое делче каде оди за подоцна да го вратите во првобитна состојба. Внимателно пребришете ги сите делови со сува крпа, а потоа искористете ја правосмукалката врз нив и ставете ги деловите во пластична кутија со неварен ориз.


Ако после ова не знаете како да ги поврзете деловите, соберете ги во кутија и однесете ги кај авторизиран сервисер.

Ако пак вашиот телефон се вклучи, но функционира чудно, тогаш можеби има уште течност во него или пак корозијата настапила. Расклопете го повторно и пробајте да ја исчистите корозијата со четкичка за заби и компресиран воздух во боца, или пак однесете го телефонот кај авторизиран сервисер кој би можел да го среди ова.

Дали овој текст ви помогна да го спасите телефонот? Знаете други методи за да спасите влажен телефон? Тогаш впишете го вашето драгоцено искуство во коментарите подолу. Со тоа ќе им помогнете на оние кои имаат влажен телефон, да го вратат во првобитна состојба својот најдобар дигитален пријател.

- Реклама -