Како Доналд Трамп позајмил 2 милијарди долари

Доналд Трамп, пред да стане претседател на САД, позајмил повеќе од 2 милијарди долари од германската „Дојче банк“, и покрај тоа што постоеле бројни сигнали дека Трам е во финансиски проблеми, пишува „New York Times“.

Весникот интервјуирал повеќе од 20 поранешни и сегашни  членови на управниот одбор и луѓе кои работеле на раководни позиции во „Дојче банк“ и дознава дека Трамп речиси две децении успевал да обезбеди финансирање од германската банка и покрај неговите банкроти, додека во исто време другите кредитори го сметале за ризичен клиент.

Извештајот на New York Times е објавен непосредно откако двата најголеми германски кредитори – „Дојче банк“ и „Комерцбанк“ потврдија дека преговараат за спојување, што допринесе до скок на нивните акции.

Според Њујорк Тајмс, Трамп во неколку прилики го преувеличувал своето богатство, а на банкарите, со цел да ги добие кредитите, им ветувал и ги наградувал со бесплатни викенди во неговиот приватен ресорт во Mar-a-Lago во Палм Бич, Флорида.

Прочитајте и:  Трговска војна не им оди во прилог ниту на САД, ниту на Кина - му порача Пекинг на Трамп

Низ годините, Трамп ги користел кредитите добиени од Дојче банк за изградба на облакодери и други луксузни недвижнини, пишува весникот. За германската банка, пак, односот со Трамп бил клучен во креирање на нејзиното инвестициско-банкарско работење.

Дојче банк, „Организацијата Трамп“ и Белата куќа засега не го коментираат извештајот на Њујорк Тајмс, но од неодамна се под лупата на САД. Канцеларијата на државниот обвинител во Њујорк, Комитетот за разузнавачка контрола и Комитетот за финансиски услуги при Конгресот ги разгледуваат врските на Трамп со германската банка.

 

- Реклама -