Чистењето на собите во леден хотел, поконкретно во славниот ICEHOTEL во Шведска, не е така едноставно како во типичен хотел.
Креветите, на пример, немаат традиционални постелнини. Се работи практично за воздушен душек покриен со крзно од ирвас, поставен на дрвени палети или друга платформа. Врз еленското крзно има вреќа за спиење, а во таа вреќа за спиење има внатрешна постава.
Иако во собата температурата е околу -6.5 степени Целзиусови, во вреќата за спиење може да стане прилично топло. Уште ако спиете со повеќе облека, може да стане и многу запотено.
„Вреќите за спиење се перат секој ден, тоа ви го гарантирам. Знам дека е така зашто обожавам да поминувам зад пералната, бидејќи таму е толку топло и пријатно“, вели Џејмс МекКлин – еден од ретките Американци кои имаат работено (во конструкцијата и потоа во оддржување) на шведскиот ICEHOTEL.
Во повеќето гостински соби нема многу друго што да се чисти. Тоалетите и тушевите се на друга локација во хотелот, а повеќето гости во собите го поминуваат само времето за спиење.
Арно ама, како и во другите хотели, одвреме навреме се случуваат инциденти, а телесни течности (и друго) завршуваат каде што не треба. Да, некои од луѓето повраќаат, а други се мрзливи за да отидат до заедничките тоалети. За разлика од другите хотели, тука телесните екскременти … замрзнуваат.
„Можете да замислите какви се телесни течности завршуваат на ѕидовите“, вели МекКлин. “Барем еднаш неделно ќе најдете жолта дамка или истурено вино или сок… а такво нешто не сакате да имате распрскано насекаде“. Персоналот на хотелот ги санира овие инциденти со длето и лопатка, закрпувајќи ги со свеж снег од надвор.
Паралелно, секоја соба има вентилациски канал со дијаметар од 4 инчи избушен во ѕидот од мраз. Главната причина е што спречува јаглеродниот диоксид во собата да ескалира до штетно ниво. Персоналот на хотелот секојдневно ги проверува овие канали, за да се увери дека не се затрупани и запушени со снег. Како ги чистат? Според МекКлин, со четка за веце (не мора да значи дека со истата чистат и тоалети) закачена на подолга прачка.
А кога персоналот не е зафатен со чистење на вентилациските дупки, зафатен е со сипување снег преку нив. На секои неколку дена, подот на секоја соба добива нов слој од „тазе“ чист снег од надвор, кој се внесува токму преку вентилацијата. Тој нов снег на подот потоа се тапка и мазни со гребло и слични алати. Во ледениот хотел, тоа е еквивалент на пуштање правосмукалка, вели МекКлин.